Македонец-газда е убиен во Америка

Сопственик на компанија од САД, по потекло Македонец, е пронајден убиен, а седиштето на неговата фирма било запалено завчера во Крествуд во американската држава Илиноис. Полицијата соопшти дека е уапсен осомничен за крвавиот чин, јавија локалните медиуми.
Кратко по 16 часот во средата, полицијата и пожарникарите на Крествуд одговориле на повик за силен чад во компанијата „ATG Truckload“. Починатиот сопственик на компанијата е идентификуван како 48-годишниот Дане Котески, кој на веб-страницата на транспортната компанија е наведен како претседател и извршен директор, пишуваат медиумите.
Пожарникарите на Крествуд брзо го изгаснале пожарот, а на вториот кат од зградата, среде густиот чад, го пронашле телото на Котески. Полицијата во Крествуд и Единицата за тешки злосторства во јужните предградија веднаш започнале истрага. На местото на настанот пристигнал и Државниот противпожарен инспектор од Илиноис, кој треба да утврди со сигурност дали пожарот бил подметнат.
Во текот на следните неколку часа, инспекторите собрале и следеле бројни траги, по што идентификувале осомничен за злосторството. Утврдено е дека станува збор за возач кој работел кај починатиот сопственик на фирмата. Полицијата го карактеризира убиството како изолиран инцидент, насочен само кон жртвата.






