Македонија експрес

Премиерот Зоран Заев вели дека ако граѓаните не сакаат да примат попишувачи кои не се вакцинирани, државата ќе им прати вакцинирани.
Зошто воопшто власта го отвара тој муабет за вакцинирани и невакцинирани попишувачи? Друго беше во април, кога трчавме да се вакцинираме во Србија оти немаше вакцини. Сега има вакцини колку сакаш и какви сакаш.
Ако Грција можеше среде четврти бран од пандемијата да пушти на неплатен одмор илјадници лекари и сестри што не се вакцинирани, зошто кај нас воопшто да се толерираат невакцинирани попишувачи?
Таков бил законот, не сакале да дискриминираат. А не е дискриминација ако пропадне пописот? Не ли е дискриминација тоа што сега земјава е повторно на сите црни листи за патување, затоа што власта дозволи сосем отворени граници за влез во земјава, свадби во затворен простор, толерирање лекари антиваксери и неспособни партиски директори на болници и здравстввени домови?
Од една страна, власта прави кампања за среќа ако се вакцинираш, а од друга страна им дава повод на сите што сакаат политички да поентираат од антиваксерството да солат памет за здравје, образование, дигитализација, вирусологија, имунологија, детска психологија и психологија воопшто, а сега и да не отвараат врата за попис.
Со слогани од билборди ќе ме убедуваат да се попишам. „Ти не си само број, учествувај во пописот“. Нема тука што да се убедуваме. Попишувањето е законска обврска. Не постои избор дали да се почитува закон или не. Мора да се почитува. Ако сме држава. Заев имаше храброст да го смени името и да нè внесе во НАТО. А од пусти популизам и фејсбук демократија, среде пандемија не смогна храброст да го спроведе Уставот за да го заштити јавното здравје
Еден од тие што најбрутално профитираат од антиваксерството е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. На почетокот на август, самиот на Фејсбук си имаше напишано дека се вакцинирал. А на почетокот на септември на телевизија кажа „вчера се вакцинирав“, оти бил принуден да се вакцинира затоа што мерките на Владата биле катастрофално глупави.
Било кој редар во кафеана може да му го скенира кодот и да провери дали навистина Мицкоски примил прва доза вакцина. Не знам дали овој пат може да му се верува. Оти, нему не му е првпат да ги саботира мерките за заштита од коронавирус. Лани лажеше дека не одел во теретана во време на полициски час кога сè беше затворено. А кога го фатија дека снимката е автентична оти носеше заштитни ракавици, велеше дека тоа му било отсјај од рацете.
Еднаш и цела опсада направија во Дебар Маало, се пазареа инспекции и градска и државна полиција кој е надлежен во времето на техничката влада, затоа што тој седеше со друштво внатре во кафеана, во време кога беше тоа забрането.
Ај, политика си е политика. И политичко профитерство е нешто што следува со тоа. Мицкоски во политиката се води од мотото „Што полошо за државата, толку подобро за мене“. Ама, ова веќе не е политика. Вакво бескрупулозно лажење не е срамно само за Мицкоски како лидер на партија.
Ова е срамно како човек. Тој човек е универзитетски професор. Ние нему му ги доверуваме децата да ни ги образува.






