Македонија и крвавото раѓање на мултиполарниот свет

Денко Малески

Со години ја соочувам јавноста и редица македонски политичари со реалностите на меѓународната политика во која силата е одлучувачка. Не затоа што уживам во фактот дека силните го прават она што можат а слабите она што мораат, туку од грижа поголема сила да не ја здроби малата македонска држава „вооружана“ само со правото и демократските принципи. Каков е навистина светот научив уште во годините на раѓањето на современата македонска држава. Научив дека нормативниот поглед на оваа опасна сфера на нашето живеење кој вели дека сите држави се еднакви, без разбирање на хиерархијата на моќта, на улогата на големите сили и посебната позиција на малите држави во светската политика е опасно неразбирање на меѓународните состојби.

Сегашнава политичка гарнитура му вети на народот една поинаква надворешна политика која ќе ја карактеризира правото, правдата и достоинството. Како? Така што ќе се построиме зад Америка, во „првите редови“, како при инаогурацијата на претседателот Доналд Трамп. Но,на прашањето што правиме кога нашиот патрон, големата сила Америка, го крши меѓународното право, одговор немаме. На забелешката на новинари дека политиката на Америка и на Израел во Газа е спротивна на меѓународното право, македонскиот премиер Мицковски одговори дека ние најдобро знаеме како е тао да си беспомошен и кога правото е на твојата страна. Потоа, се построивме зад силата, против народот на Палестина врз кој се врши геноцид. Некни, веројатно први во светот, во соопштение од владата, дадовме целосна поддршка на нападот на Израел и на Америка врз Иран. И како да тоа не беше доволно, па македонскиот министер за надворешни работи, телефонски му се јави на својот израелски колега во знак на целосна поддршка на агресорот.

Раѓањето на мултиполарниот свет не е вежба од областа на теоријата туку крвав процес на прилагодување на интересите меѓу големите сили, проследен со војни. Македонската држава, се почесто, ќе мора да се определува на која страна е. Да си со Америка, најсилната држава на светот е најбезбедно, ќе речат тврдите реалисти, па и кога таа го крши меѓународното право. Овие сознанија на реалните меѓународни односи, за кратко време, ги трансформираа македонските политичари од идеалисти во хипер-реалисти. Но, само кога се во прашање другите. Не не интереира правото на народот на Палестина или на народот на Иран.Веќе не не интересира дека во повелбата на ОН, во членот 2 параграфот 4, пишува дека е нелегално (незаконски) да се употребува сила или закана со сила кон друга членка на ОН. Станувајќи првокласни циници, правото не интересира само кога се однесува на нас. Нема многу достоинство во ваквата позиција,ќе ви речат идеалистите. Ако е во прашање опстанокот на малата држава, се е оправдано, ќе ви речат реалистите.

 

Back to top button
Close