Македонија стана членка на СЕПА – Единствената област за плаќања во евра

С Македонија денеска стана 39. членка на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), објави Народната банка.

Членувањето во СЕПА, како што изјави гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, ќе овозможи побрзо, поефикасно и поевтино извршување на елeктронските плаќања во евра до која било земја членка на СЕПА и ќе има бројни придобивки за граѓаните, компаниите, но и економијата на земјата воопшто.

Дополнително, како што рече, членството во СЕПА значи и поголема финансиска интеграција на земјава во ЕУ и исполнување на една од најважните цели на патот кон членство во Унијата.

„Пред сè очекуваме побрзи, побезбедни и поевтини прекугранични плаќања во евра. Ова е особено важно за македонската економија којашто се карактеризира со висок степен на трговска отвореност и голем обем на прекугранични плаќања. Оттаму, и потенцијалот за заштеда во трошоците, за подобрување на ликвидноста и за зголемување на конкурентноста на компаниите е голем. Секако, ова може да одигра значајна улога во процесот на натамошна трговска интеграција, забрзан економски раст и намалување на доходовниот јаз со ЕУ“,посочува Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката истакна дека членството во СЕПА ќе придонесе врз основа на релативно високите приливи на дознаките од странство со кои, како што рече, се карактеристични за македонската економија и достигнуваат и до 15 отсто од Бруто-домашниот производ (БДП). За овие можности да станат реалност, како што додаде, од особена важност се добрата подготовка и брзото и ефективно приклучување на нашите давателите на платежни услуги кон европските платни системи.

„Овој успех е резултат на посветените напори на тимот на Народната банка, но и на Министерството за финансии и останатите регулаторни тела коишто работеа на усогласувањето на правната рамка и стандардите за работа на платните системи со европските, за што изразувам голема благодарност“,
посочи гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) е иницијатива на Европската банкарска и платежна индустрија претставувана од Европскиот совет за плаќања, поддржана од Европската комисија и другите институции на ЕУ за зголемување на ефикасноста на плаќањата во еврa и натамошен развој и продлабочување на заедничкиот европски пазар. Востановена е во 2008 година, а целосно имплеменетирана во 2014 година.

С Македонија ја почна својата подготовка за членство во Единствената област за плаќања во евра во 2013 година со Националната стратегија за развој на платни системи, а во 2023 година беше усвоена нова правна рамка која даде основи за наше пристапување кон СЕПА. Во април 2024 година земјава ја поднесе до Европската комисија предапликацијата за СЕПА, а на 10 јули истата година и официјалната апликација.

Од земјите од Западен Балкан, членки на СЕПА од декември 2024 година се Црна Гора и Албанија.

Back to top button
Close