Mакедонка прегазила куче во Црна Гора – сакала да побегне, но полицијата ја фатила


Mакедонската државјанка С.С (43) денеска во Улцињ е уапсена под сомнение дека прегазила и убила куче со својот автомобил, соопшти Полициската управа на Улцињ.

Од Управата наведуваат дека полицијата брзо ја идентификувала, пронашла и, по наредба на државниот обвинител во Основното државно обвинителство во тој град, ја уапсила С.С.

„По извршувањето на кривичното дело, таа имала намера да ја напушти територијата на Црна Гора, но полицијата ја спречила во тоа“, се вели во соопштението.

Имено, полицијата наведува дека дежурната служба на Одделот за безбедност на Улцињ денес околу 15:15 часот била известена од сопственикот на убиеното куче дека претходно непознато лице, кое управувало со бел Мерцедес со скопски регистарски таблички, намерно го прегазило и убило кучето на улицата.

Како што се додава во соопштението, полициски службеници веднаш излегле на местото на настанот и го откриле идентитетот на лицето кое возело.

Веднаш била започната потрага по неа. Полицијата наведува дека околу 16:40 часот била пронајдена и запрена на Заедничкиот граничен премин „Сукобин – Муриќани“.

Потоа С.С. била донесена во полициските простории, каде што била спроведена кривична истрага.

Осомничената ќе биде изведена пред надлежниот државен обвинител во законски предвидениот рок.

На социјалните мрежи се појави вознемирувачко видео, објавено од Марта Дармановиќ, на кое се гледа како кола прегазува шарпланинско куче, а зад возилото има и уште едно мртво куче. Според неофицијални информации, станува збор за кучето на уапсената жена, кое било нападнато и усмртено од тој шарпланинец.

Од невладината организација „Пријатели на животните“ побараа итна реакција од надлежните институции, за лицето кое го сторило ова кривично дело да биде гонето и најстрого казнето, согласно Законот за благосостојба и заштита на животните.

„Без разлика дали сторителите на вакви и слични кривични дела против животните се државјани на Црна Гора или странски државјани, сите мора да сносат еднаква одговорност за стореното неправо. Значи, конкретно, и во овој случај, бараме институциите да го завршат својот дел професионално и до крај, за сторителот да ја добие заслужената казна“, велат од оваа невладина организација.

Back to top button
Close