Македонска банка, Експорт-импорт, Радо банка – колку пари досега зедоа штедачите на 11 пропаднати банки и штедилници
Од вкупно пропаднати 11 банки и штедилници во земјава, Фондот – за обесштетување на нивните штедачи исплатил вкупно 22,3 милиони евра. Тоа, пак, е 90,2 отсто од вкупно 24,8 милиони евра, колку што било пресметано обесштетување за овие 11 субјекти, пишува Фактор.
Додека, пак, вкупните депозити во нив изнесувале 29 милиони евра.
„Од формирањето на Фондот во јануари 1997 година, до 30 јуни 2019 година, се случиле вкупно 11 ризични настани. Од 1997 година до 30 јуни лани се обесштетени вкупно 20.073 штедачи, што претставува 90,2 отсто исплатени обврски од Фондот. Останатите 9,8 отсто претставуваат обврска за обесштетување во вкупен износ од 2,4 милиони евра, кон 101.878 штедачи, кои од лични причини не го оствариле своето право на обесштетување. Анализата на структурата на овие штедачи укажува дека над 50 отсто од нив имаат поединечни депозити – предмет на обесштетување помеѓу 100 денари и 1.000 денари кои можеби поради неатрактивноста на износот и покрај бројните јавни повици за можноста да го остварат своето право на обесштетување сепак истото не го остваруваат. Во првата половина на 2019 година вкупно се исплатени 6 штедачи во вкупен износ од 44,3 илјади денари“, навеле од Фондот во својот извештај.
Од вкупно 22,3 милиони евра кои биле исплатени кон штедачите, најголем дел отишле за штедачите на Македонска банка. Податоците на Фондот зборуваат дека дури 18,9 милиони евра завршиле за обесштетување на овие лица. Овие 18,9 милиони евра се всушност 89 проценти од парите кои Фондот требало да им ги исплати вкупно на штедачите на Македонска банка. Односно, за нивно обесштетување Фондот пресметал дека вкупно треба да се вратат 21,2 милиони евра.
Ова, пак, значи дека дури 2,3 милиони евра се пари кои им селедуваат на дел од штедачите на Македонска банка, но тие се уште не дошле да си ги подигнат, и покрај тоа што банката беше ликвидирана уште пред 13 години, односно во 2007 година.
Соевремено за овие штедачи имаше повици од Фондот да дојдат да си ги подигнат средствата, но очигледно за 2,3 милиони евра штедни депозити, не можат да се најдат нивните сопственици.
Директорот на Фондот, Борче Хаџиев, за Фактор вели дека тие пари штедачите ќе можат да си ги земат во секое време. „Овие средства не застаруваат. Тие се тука и ги чекаат штедачите. Кога и тие да дојдат да ги подигнат, ќе можат тоа да го сторат без никаков проблем“, ни изјави Хаџиев, потенцирајќи дека истото ќе важи и за штедачите на Еуростандард банка, односно дека тие прво ќе можат да си ги земат парите преку банките исплатувачи, а дури и кога тој договор ќе престане, податоците се префрлаат во Фондот, а штедачите ќе можат во секое време да си ги подигнат парите.
За обесштетување на штедачите на сите други банки, пак, се потрошени многу помалку пари.
Повеќе на Фактор тука.