Македонска навигација должи околу 15 милиони евра, а дава позајмица на Владата од 7 милиони евра
Според документите со кои располагаме, Македонска навигација на 29 јули, 2022 потпишува договор за заем од ЕБОР во вредност од 9.770.000 евра, како и договор со Комерцијална банка во вредност од 5.000.000 евра, додека пак на 13 февруари, 2023 година М-НАВ склучува договор за техничка помош од ЕБОР од каде што добиле грант од 406.000 евра. Заклучно со крајот на 2025 година со средствата оезбедени со Договорот за заем за реализација на проектите биле исплатени 3.874.381 евра, додека од договорот за техничка помош биле исплатени 244.057 евра. Тоа значи дека имаат долг од околу 15 милиони евра.

Владата зема заем не само од Македонска навигација (М-Нав), туку и од Државна лотарија, МЕПСО за Јавното претпријатие за државни патишта, истакна вчера премиерот Христијан Мицкоски.
„Не се само од Македонска навигација. Таму имаме средства и од Лотарија, имаме средства и од МЕПСО и сопствени средства на Јавното претпријатие за државни патишта. Средствата ќе бидат искористени за враќање на кредит кон кинеската банка за автопатите.
И истите тие средства во август ќе бидат вратени на компаниите. Значи, се прави само вообичаена процедура којашто многупати во минатото се правела, така што во август месец тие средства ќе бидат вратени и кај М-НАВ, односно Македонска навигација, и кај Лотарија на Македонија, и кај МЕПСО“.
Сепак, според документите со кои располага „Фокус“, Македонска навигација како контролно тело кое што своите приходи ги обезбедува од прелети, соогласно принципите на Еуроконтрол, провајдер на навигациски услуги не смее да позајмува средства собрани преку unit rate на јавни претпријатија или да ги троши за други цели, кои не спаѓаат во прифатливи трошоци.
Дополнително, документот на Еуроконтрол, кој ги разработува принципите од спогодбата недвосмислено наведува:
„Приходите добиени преку надоместоците за рута, утврдени во соогласност со овие принципи не смеат да се користат за финансирање на комерцијални активности на давателите на услуги за воздушна навигација“.
Иако се повикуваaт на Владата, според документите од дел од вработените, членовите на УО на М-НАВ прават злоупотреба на службена положба за што е поднесена и кривична пријава до Јавно Обвинителство на 15 јули, 2026 година, за што подоцна на 27 јули има дополнување на кривичната пријава.
„Дејствието на давање позајмица на друго јавно претпријатие, иако навидум оправдано со одлука на основачот(Владата) претставува грубо кршење на основните принципи на работењето на М-НАВ и директно ја загрозува неговата финансиска стабилност и меѓународен кредибилитет. Тоа е кршење на ратификуван меѓународен договор и принципите на Еуроконтрол.
Со ова дејствие, пријавените во својство на одговорни лица, свесно и со намера ги злоупотребиле своите овластувања и постапиле спротивно на меѓународните обврски и принципи кои го регулираат финансирањето на давателите на услуги во воздушната навигација, со што прибавиле противимотна корист за друг (ЈП за државни патишта) и предизвикале, односно можеле да предзвикаат значителна штета на М-НАВ АД Скопје“, се наведува во дополнетата кривична пријава.
Република Македонија, со Закон за ратификација објавен во „Службен весник на РМ -Меѓународни договори“ бр. 37/1998 ја има ратификувано Мултилатералната спогодба за надоместоци за прелети. Соогласно Уставот, ратификуваните меѓународни договори се составен дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.
…






