Македонски триумф на Сараево филм фестивал

Филмот „17“ на Косара Митиќ освои три, а „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума има една награда на 32. Сараевски филмски фестивал што заврши синоќа, објави „Умно.мк“

Митиќ ја доби Специјалната награда за промоција на родовата рамноправност. Наградата е основана во партнерство со Mastercard и се доделува на дебитант чија работа се одликува со силен авторски глас и придонес кон родовата рамноправност во кинематографијата.

Од Сараевскиот филмски фестивал посочуваат дека наградата ја одразува заедничката визија за инклузивно раскажување приказни и важноста да им се даде простор на новите авторски гласови во светската кинематографија.

За „17“ пристигна признание и од Cineuropa, што се состои од 5000 евра.

Третото признание за „17“ го доби Ева Костиќ, која беше наградена со „Срце на Сараево“ за најдобра актерка во главна улога, за одличната изведба на улогата на Сара – нејзина прва улога на филм.

Костиќ ја игра 17-годишната Сара, тинејџерка која станува сведок на сексуално насилство врз своја соученичка. Филмот го истражува начинот на кој една млада девојка се справува со траумата, вината, молкот и последиците од насилството.

Back to top button
Close