Македонскиот јазик го признава целиот свет. Ставот на Бугарија треба да го игнорираме

Доколку се погледне наназад, ќе се види дека долго време дозволуваме да нè дефинира, па и насочува, токму таа расправија, која остана на елементарно ниво (што, кој, кога, наместо како и зошто). Резултатот од таа наша ирационална опседнатост е тоа што во овој момент Македонија се наоѓа точно таму каде што сакаат да се наоѓа некои политички и академски кругови во Бугарија (но не само таму): надвор од Европа, внатрешно разединета и поделена, нестабилна и кршлива.
Затоа потребно е да престанеме да губиме време и да актуелизираме апсолвирани теми како што е бесмислената расправа за македонскиот јазик поврзана за акцискиот план за малцинствата. Нашиот јазик го проблематизира Бугарија и одговорноста е целосно на нивна страна. Ние тука не може да направиме ништо и треба да го игнорираме, сѐ додека останува бугарски проблем.
„Време е за дипломатија“, вели Денко Малески, и тоа време трае извесен период, но полека истекува. Доколку постојат некакви дипломатски напори (за кои искрено се надевам), би кажал неколку збора за историските недоразбирања.
Јавната дебата (или подобро хистерија) за овие недоразбирања беше иницирана од Договорот за пријателство и добрососедство, поврзан со аспирациите на Македонија за влез во ЕУ и НАТО. Без него таква дебата/хистерија немаше да постои. Несомнено како сегмент од Договорот, таа е неизбежна и ќе биде дел и од идните односи меѓу двете држави (се надевам на посериозно ниво). Се разбира, ќе зависи од тоа дали Македонија ќе остане на патот кон ЕУ и дали времето за дијалог ќе истече.
Во овој момент доколку и од двете страни постои желба за надминување на ќор-сокакот, историските прашања како дел од билатералните односи треба да бидат „заборавени“, а работата на Историската комисија замрзната/одложена (и покрај очекуваниот отпор од одредени кругови). Историјата не е тема која сега може да биде „разговарана“, бидејќи во ваква атмосфера таа секогаш ќе биде инструментализирана и користена како политичка алатка и како алиби од заинтересираните за минирање на сите искрени и конструктивни обиди. Македонско-бугарските односи треба да се подобрат и релаксираат на сите други можни нивоа. Дури откако ќе има сериозно подобрување во политичките, економските, културните односи, тогаш повторно може да се зборува за историјата. Се разбира, доколку за тоа сè уште има потреба и интерес.
Ако се случи тоа (за што ќе треба време), тогаш и начинот на работата на Комисијата би требало да се промени. Би било добро за надминување на недоразбирањата нејзината работа да се подигне на институционално ниво, односно зад евентуални предлози да застанат историските институти, но и други институции. Тоа во овој момент изгледа невозможно бидејќи историчарите кои најсилно се конфронтираат меѓу себе работат токму во тие институти. Но, институционални проекти поврзани со теми што се дел од комисиската работа може да доведат до одредени предлози и решенија зад кои би стоеле академски институции, би биле потранспарентни и би биле полесно прифатливи за двете општества. Се разбира, историографската самокорекција ќе биде неизбежна на двете страни, без емоции и без робување на било какви „конечни судови“, затоа што историјата треба да биде отворена книга.
Ками и Орвел учат дека книжевноста лишена од моралот е нечовечка. Истото важи и за историографијата. Конечно, во однос на историските недоразбирања, на многумина и и овде и таму, им е јасно дека компромисот меѓу Македонија и Бугарија лежи во прифаќање на сегашната реалност од бугарска страна и во похрабро и поотворено соочување со минатата реалност од македонска страна.
(Драги Ѓорѓиев е академик и поранешен копретседател на македонско-бугарската историска комисија)






