Mакедонскиот државен апсурд: Забрана за пушење, субвенции за тутун

Почитувани читатели, деновиве низ медиумскиот етер силно одекна предлогот на Министерството за здравство, кој треба да влезе во собраниска процедура, за забрана на пушењето во сите јавни објекти и надворешни простори од јавен карактер.

Пушењето секако дека е сериозен, реален проблем за човековото здравје. Според анализи од Министерството за здравство (за мене фрапантни), годишно умираат над 4000 наши сограѓани, токму поради пушењето.

Не знам колку бројката е прецизно точна, бидејќи покрај пушењето има уште многу други штетни фактори, предизвикувачи на смртоносни заболувања. Смртници сме. Бесмртноста е привилегија само на Господ и на делата коишто остануваат зад нас, луѓето.

Добро го познавам тутуно-производството во Македонија. Од најрано детство, во раните утрински часови сум одел да собирам тутун, да го нижам, сушам и чувам од дождови, влага, вода и да го калапам. Моите сакани и многу почитувани тетин Кочо и тетка Тинка во Гевгелија, тутунот го продаваа во монополот.

Од собирањето и нижењето на тутунот, рацете со денови ми мирисаа на никотин. Како да беше длабоко всаден во моите прсти. Веројатно уште од мала возраст сум консумирал тутун и преку работата околу него, но и преку исхрана.

Со новиот закон, корисниците на тутунските производи, како цигари, тутуни за луле, пури, па и електронските цигари, ставени се на отстрел. Нашето Министерство смета дека тутунот и никотинот се најштетни состојки смртоносни за човекот.

Имам пријатели пушачи, блиску до стотата година, очигледно отпорни на оваа убиствена хедонистичка потреба, опасна по живот.

Знам дека никотинот е опасен по човековото здравје, меѓутоа не можам да го прифатам предлогот на Министерството за здравство, под такви ригидни забрани за нас уживателите на смртоносниот тутун.

Има повеќе апсурди во македонското секојдневие. Во Македонија имаме меѓу 15.000-20.000 тутунопроизводители во Пелагонискиот, Струмичкиот и Радовишкиот регион. Тоа се илјадници семејства коишто живеат од производството на овој, убиствен по човекот, земјоделски производ.

Да биде апсурдот уште поголем, ова производство е најмногу субвенционирано од владите во Република Македонија. Од вкупниот збир на субвенции кои владата ги дава во земјоделието, вкупно 25% одат на сметка на производителите на тутун. Годишно меѓу 40-50 милиони евра, владата на Република Македонија издвојува за да го помогне ова производство.

Ако пушењето е опасно по човековото здравје, тогаш се поставува прашањето, зошто се субвенционира базичната сировина (тутунот), која во основа го убива човекот.

Делува наивно и апсурдно. Владата на Република Македонија субвенционира производство на тутун со непозната цел! А кого тоа треба да го труе ?

Македонија е производител на еден од најквалитетните сорти на тутун, така наречен „ориентален” кој во производството на цигари, пури и тутун за луле, влегува како зачин, со цел да го освои човекот, потенцијален пушач.

Ако нашето Министерство за здравство се грижи за нас и нашето здравје, тогаш зошто актуелната влада дозволува нашата Македонија да биде производител на базичната суровина која се користи во тутунските комбинати.

Веќе неколку децении наназад , пушењето е оценето од врвни здравствени институции како штетно по здравјето на човекот.

Зошто владата и владите на Република Македонија не преземаа вистински чекори да се запре ова производство и да му понуди на нашиот земјоделец алтернативно производство кое ќе биде од корист на човекот, како на пример храната?!

Повеќе од јасно е дека Македонија има недостаток од зеленчук и житарици кои во некогашни времиња, во времето на СФРЈ имавме во изобилие домати, пиперки , зелка, грашок, боранија, пченка, пченица, јачмен, р’ж, па дури и масивно производство на шеќерна репка.

Веќе 35 години, владите на Република Македонија не се посветија кон земјоделието како вистински сегмент во опстојувањето на една самостојната држава.

Тутунопроизводителите не само што не беа упатени како да го валоризираат својот земјоделски труд во многу покорисно производство за наше опстојување, туку напротив, со субвенциите беа поддржувани од сите влади на Македонија.

Почитувани читатели, за жал, не изнедривме влада која ќе има вистинска визија за земјоделието во Република Македонија. Светот оди прогресивно во производството на некои нови типови корисни земјоделски производи, а ние го произведуваме отров -суровина во тутунопроизводството . Кого ќе го труеме во светот со ова наше производство?

Благодарам до Министерството за здравство што го покрена ова прашање и ми овозможи подлабоко да влезам во генезата зошто стагнираме како држава? Зошто како народ сме понижувани меѓу нашите соседи? Затоа што немаме визија. Животот го тераме по старата поговорка „ купи ден, продај ден”. До кога…

Трифун Костовски

 

Back to top button
Close