Македонските одбојкари поразени од Турција во квалификациите за ЕП

Македонската одбојкарска репрезентација загуби вечерва од Турција со 3:1 во вториот натпревар од Ц-групата во квалификациите за пласман на Европското првенство.

Фаворитот во групата, што во двокружен систем се игра во салата „Борис Трајковски“ во Скопје лесно го доби првиот сет со 25:16, а македонските одбојкари вратија со иста мерка, освојувајќи го вториот сет со 25:18.

Турската репрезентација, сепак, не дозволи изненадување и лесно ги освои следните два сета (25:18, 25:12), за втор триумф во групата.

Македонските одбојкари утре играат против репрезентацијата на БиХ, која во првото коло ја совладаа со 3:1.

Пласман на Европското првенство ќе обезбедат победниците во седумте квалификациски групи, како и петте најдобро второпласирани репрезентации.

Завршницата ќе се одржи на крајот на претстојното лето во Полска, Чешка, Естонија и Финска.

Back to top button
Close