Македонските ракометари го завршија настапот на ЕП, Португалија ја совлада Данска

Ракометарите на Португалија го приредија најголемото изненадување на Европското првенство, откако вечерва во Хернинг го совладаа домаќинот Данска со 31:29 (12:11) во завршниот натпревар од групата Б, со што двете селекции се пласираа во главната фаза, а македонската репрезентација како третопласирана во групата го заврши настапот на континенталниот турнир.

Во увертира на последниот натпревар од групата Б, македонските ракометари претходно вечерава ја совладаа Романија со 24:23 и за пласман во следната рунда се надеваа на победата на Данска од најмалку 18 голови разлика.

Сепак, посакуваното сценарио уште од самиот почеток на дуелот меѓу Данска и Португалија се покажа како нереално.

Португалија го отвори натпреварот со водство од 3:1 и до крајот на полувремето ја лимитираше Данска на само 11 голови.

Актуелниот светски и олимписки првак помогнат од 15.000 гледачи во Хернинг на стартот од второто полувреме го презеде водството, поведувајќи со највисоки 19:17, но Португалците се вратија со серија од 7-2 и на крајот извојуваа сензационална победа со која пренесоа два бода во следната рунда, како првопласирани во групата Б, пред Данска.

Македонската ракометари го завршија настапот на Европското првенство како третопласирана во групата Б, со една победа (Романија 24-23), едно реми (Португалија 29-29) и пораз од Данска (36-24).

Вечерашниот триумф над Романците, обезбеден со голот на Никола Костески во последната секунда, на македонската репрезентација ѝ обезбеди статус на носител во баражот за пласман на Светското првенство кое идната година ќе се одржи во Германија.

Back to top button
Close