Макрон: Ако некој мисли дека е можно да се уништи Хамас, тогаш војната ќе трае 10 години
Претседателот на Франција, Емануел Макрон ги повика израелските власти „попрецизно да ги дефинираат“ крајните цели на војната со Хамас.
Според него, наведената цел за целосно елиминирање на палестинската милитантна група може да доведе до повеќегодишен конфликт.
Оваа негова реакција доаѓа откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера вети дека ќе ја продолжи копнената офанзива во Газа до целосно „уништување на Хамас“.
На маргините на климатската конференција на ОН COP28 во Дубаи, Макрон праша дали „некој мисли дека е можно“ да се уништи Хамас.
„Ако тоа е целта, војната ќе трае 10 години“, тврди францускиот претседател.
„Не може да има долгорочна безбедност за Израел во регионот ако таа безбедност дојде по цена на животите на Палестинците, што влијае на јавното мислење во регионот“, порача Макрон.