Макрон ќе ја спасува уапсената руска новинарка

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин и ќе понуди заштита за руската новинарка Марина Овсјаникова која се соочува со долгогодишна затворска казна, откако вчера среде програма на руската државна телевизија се појави во живо со антивоени пораки.

– Ќе почнеме дипломатски напори со цел да и понудиме заштита – или во амбасадата, но и заштита преку азил. Ќе имам шанса на некој од моите следни разговори со претседателот Путин да го предложам ова решение на многу директен и конкретен начин, истакна Макрон.

Францускиот претседател изрази желба „колку е можно побрзо да знам за нејзината лична ситуација и нејзината способност да продолжи со својата работа“.

Овсјаникова среде програма во живо на руската државна телевизија се појави со транспарент со антивоени пораки и побара од руските граѓани да не и веруваат на режимската пропаганда на Кремљ. На транспарентот на Овсјаникова пишуваше „Не за војна, прекинете ја војната, не верувајте во пропагандата, овде ве лажат“, таа исто така и извика „Не за војната, сопрете ја војната“, а потоа програмата беше прекината.

Back to top button
Close