Мал процент на откажани летови на македонските аеродроми, зголемени трошоците за патување

 

На аеродромите во државава има откажани летови, но процентот е мал и ситуацијата не е толку изразена како на европските, каде што обемот на дневно ниво е далеку поголем. Од ТАВ Македонија велат дека состојбата од европските аеродроми се прелева, но кај нас не е толку драматично и оти немаат проблеми со капацитетите на двата македонски аеродрома кои би можеле да предизвикаат доцнења или откажувања на летови.

– Откажани летови има, но процентот е мал, на пример во јули, од вкупно 1.572 планирани летови на скопскиот аеродром, 30 лета беа откажани, што претставува 1,9 проценти од вкупниот сообраќај. Значи дека откажувањата се случуваат, но ситуацијата не е толку изразена како на европските аеродроми, каде што обемот на дневно ниво е далеку поголем, изјавија за МИА од ТАВ Македонија.

Над 75 проценти од патничкиот сообраќај на двата македонски аеродроми е концентриран кон дестинации во Европа, поради што, наведува концесионерот, нормално е дека состојбата со доцнењата и откажувањата на летовите која се случува на европските аеродроми, се прелева и на македонските, но, овде тоа не е толку драматично како што е случај со аеродромите на европските дестинации.

Авијацијата, укажуваат од ТАВ Македонија, функционира како систем на врзани садови, авионите кои денеска треба да одлетаат од Скопје, претходно треба да дојдат од друг аеродром, од дестинациите со кои сме поврзани. Така што, ако авионот доцни на пристигнување во Скопје, автоматски ќе доцни и неговото поаѓање одовде и ние тука не можеме ништо да направиме, освен да се прилагодиме на ситуацијата која ни доаѓа однадвор. Доцнењата и откажувањата на летовите што се случуваат на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот „Свети Апостол Павле” Охрид се одлука на авиокомпаниите. Според она што аеродромскиот оператор го добива како информација од нив, доцнењата и откажувањата се случуваат од различни причини, кои може да бидат или оперативни или пак поради неповолни временски услови.

Ги советуваат патниците доколку имаат жалби и/или потреба да бараат некаков надомест во врска со неисполнети услови поврзани со нивниот лет, да се обратат кај авиокомпанијата. Кога патниците купуваат авионски карти од авиокомпанијата, тие практично склучуваат договор со неа, односно се согласуваат со правилата и условите на користење на услугата кои ги пропишува самата авиокомпанија.

– Она што е важно за патниците и јавноста да знаат е дека ние како аеродромски оператор немаме проблем со капацитетите на двата македонски аеродроми кои би можеле да предизвикаат доцнења или откажувања на летови. Во ТАВ Македонија немаме недостиг на персонал. Работевме плански со цел да имаме доволно кадар да ги опслужи операциите со авиони, патници и багаж во оваа летна сезона, за која очекувавме дека ќе имаме зголемен авиосообраќај, имајќи предвид дека луѓето веќе од почетокот на пролетта почнаа поинтензивно да патуваат, како што ковид рестрикциите на странските држави за македонските граѓани се креваа, велат од ТАВ Македонија.

Зголемени трошоци и за патниците и за авиоиндустријата

И воздухопловниот, како и останатите сектори, се соочува со зголемени трошоци поради кризата со енергенсите, а тоа се одразува и на цените за патување.

Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат пораст на трошоците за живот во воздухопловниот патнички транспорт во државава за 36 проценти во јули во однос на јуни годинава.

Глобалните случувања и кризата со енергенси влијае и на работењето на аеродромскиот оператор.

– Во ТАВ Македонија, како и секој бизнис, се соочуваме со зголемени трошоци за инпутите во нашето работење, бидејќи цените на енергенсите ги зголемија цените на речиси сите производи и услуги. Како пример, годинава плаќаме 4 пати повисока цена на електричната енергија за двата македонски аеродрома, споредено со 2021 година. Но, ги следиме глобалните случувања, економските проекции и ги прилагодуваме нашите бизнис-чекори согласно проекциите на добавувачите, велат од ТАВ.

Се разгледува нов модел за субвенционирање авиолинии

Податоците на ТАВ Македонија покажуваат дека закрепнувањето на македонскиот авиосообраќај кое почна лани, продолжи годинава. Сега сме на -18 проценти од патничкиот сообраќај во 2019 година, што се смета за референтна година во авијацијата, пред почетокот на кризата со Ковид-19.

Аеродромскиот оператор моментно нема потврдени информации за отворање нови авиолинии на аеродромите во Скопје и во Охрид, но истакнуваат дека постојано работат на тоа и на привлекување нови авиокомпании кои би почнале да летаат од двата македонски аеродрома.

Во државава од 2012 година се применува модел на субвенционирање на авиолинии од страна на Владата. Последниот од вкупно трите тригодишни договори што беа склучени со унгарскиот нискобуџетен авиопревозник „Виз Ер” истече на 1 март годинава. Министерството за транспорт и врски најави дека ќе распише нов тендер за таа намена, но, како што велат оттаму, се разгледува нов модел за распределба на поддршката од државата.

– Со сегашниот модел имаме рекорден број патници, над два милиона. Поддршката даде резултати за што говорат податоците за зголемен бројот на патници од 600 000 до 800 000 пред субвенцинирањето на сегашните над два милиона. Со преземените активности придонесовме за развој на авиосообраќајот. По падот поради ковид пандемијата годинава има подобрување и сме излезени од кризата, изјавија за МИА од Министерството за транспорт и врски.

Според нивните податоци, по основ на финансиска поддршка на „Виз Ер” во 2012 година му се исплатени 25,6 милиони денари, во 2013 година 75,4 милиони, а 135 милиони во 2014 година. Во 2015. се исплатени 40 милиони, во 2016 и 2017 по околу 104 милиони денари, во 2018 година износот е 43,8 милиони, во 2019 година 66,5 милиони. Во 2020 износот на исплатени средства за субвенционирани летови е 21 милион денари, во 2021 година 10,4 милиони, а годинава не се исплатени средства. Договорот беше суспендиран во период додека траеше короната, поради што во 2020 и 2021 се исплаќаа средства за остварени приходи од 2019 година.

Во првите седум месеци од годинава (јануари-јули) на двата македонски аеродроми се опслужени вкупно 1,3 милиони патници (1 242 524) и 10.622 летови.

Бројот на летови на сезонските авиолинии и на двата македонски аеродрома е зголемен во летната сезона (март-октомври), за разлика од лани. На Меѓународниот аеродром Скопје од јануари заклучно со јули се реализирани 457 сезонски лета, што е за 55 проценти повеќе од лани, кога имало 294 летови, додека пак на Аеродромот „Свети Апостол Павле” Охрид годинава се реализирани 831 сезонски лет, што е зголемување за 136 проценти во однос на лани, кога имало 352 сезонски лета. Зголемувањето е и поради промени во листите на дестинации, но особено поради зголемување на фрекфенцијата/честотата на летовите.

Годинава сезонски дестинации до кои авиокомпаниите летаат од скопскиот аеродром се Анталија, Бодрум, Измир, Хургада, Базел, Џеда/Медина, Монастир (Тунис). Во 2021 од Скопје се леташе сезонски за Анталија, Бодрум, Хургада, Базел и Дизелдорф. Од охридскиот аеродром, пак, годинава се опслужуваат сезонски авиолинии и до Тел Авив и Амстердам, како и до Цирих, Ајндховен и Катовице, што беа на располагање и во минатата летна сезона.

Back to top button
Close