Маричиќ: Порано не ги знаевме имињата на членовите на Антикорупциска, а сега секој ден отвора нов случај и тоа неселективно

Имаме Антикорупциска комисија која отвора случаи неселективно и е подобра од она што била до пред неколку години. Претходно не ги знаевме ни имињата на членовите кои што работат таму, а не пак што работат, изјави министерот за правда Бојан Маричиќ во гостувањето во емисијата „Објектив“ на МТВ.

Тој потенцираше дека Владата работи со Државната комисија за спречување на корупација за тие да ги имаат сите услови за работа, без мешање на извршната власт.

– ГРЕКО препознава дека Владата вложила напори – и финансиски и политички и институционални за да се воспостави систем за борба против корупција. Од 23 препораки кои треба да се исполнат 13 се имплементирани, а останатите 10 се во тек, рече Маричиќ.

Тој се осврна и на случувањата од 27 април во Собранието, судењето и реакциите што произлегоа од тоа.

– Пресудата за 27 април треба да го осуети насилството како легитимно политичко средство. Сите граѓани сведочеа дека настаните од пред четири години беа терористичко уривање на поредокот. Не смееме да заборавиме што се случи на 27 април – кога организирана група на луѓе упаднаа во Парламентот и се обиде да спречи избор на претседател на Собрание и тоа заврши со крвав напад врз дел од пратениците, истакна министерот за правда.

Тој додаде дека настаните од Собранието ги осуди цел свет и би било штета за нас како држава доколку го промениме наративот и да се даде партиски призвук на тој настан.

– Кога се разгледувал случајот, обвинителството детално ги прегледувало доказите пред да ја направи квалификацијата. Таа е направена исклучиво врз основа и врз база на докази. Тоа го потврди и судот во повеќе степени – и основниот и апелациониот суд. Доколку судот го утврдил тоа низ постапка, тогаш мора да им веруваме на судовите, изјави Маричиќ.

Запрашан за барањата за повторување на судењето за случајот „27 април“, министерот повтори дека доколку постојат нови докази, тогаш тие може да се приложат за да има повторување на постапката.

– Здраво е за општеството, за да има помирување, да го затвориме тоа поглавје. Да се согласиме дека тоа не беше добар чин за нашата демократија и за нашата земја и дека нема да се повтори, рече Маричиќ и додаде дека опозицијата се обидува да го политизира случајот користејќи ги судбините на осудените за да добие политички поени.

Тој упати критики кон опозицијата и за користењето на стратегијата на блокирање на работата на Собранието.

– Ако сакаме да одиме напред, да ги усогласиме законите со ЕУ, да носиме добри одлуки во овие кризни времиња, потребно е да се намалат тензиите и да се воспостави дијалог, а опозицијата да се откаже од блокирањето како политичка стратегија, изјави министерот за правда Бојан Маричиќ.

Тој објасни дека Поглавјата 23 и 24 од преговорите за ЕУ се клучот, бидејќи со нив се отвораат преговорите и со нив се затвораат, а Собранието е важен партнер во исполнување на условите во тие поглавја.

Back to top button
Close