Маричиќ: Сечиј интерес е отпочнување преговори со ЕУ час поскоро
Министерот за правда Бојан Маричиќ во интервју за Радио-телевизија Словенија истакна дека во овој момент е потребен силен ангажман од сите за брзо отпочнување на преговорите со Европската Унија.
„Важно е час поскоро да се почнат преговорите со ЕУ. Наша должност е да работиме на решавањето на проблемот со Бугарија. Од наша страна има подготвеност, но тоа треба да се базира на меѓусебна почит и европски вредности“,
рече Маричиќ.
Според него, во интерес на ЕУ и на Бугарија и другите членки е датум за отпочнување на преговорите затоа што, во спротивно, кредибилитетот на Унијата и нејзината политика, не само во нашата земја, туку и на Западен Балкан, ќе биде ставен под знак прашање.
На прашањето за напредокот на Северна Македонија според Европската комисија, Маричиќ одговори дека Владата и правосудните органи направија големи исчекори во правосудниот систем, спроведувајќи го прочистувањето на судството, со зајакнување на критериумите за избор и разрешување на судиите и обвинителите. Ја истакна и важноста на Академијата за судии и јавни обвинители во враќањето на довербата кај граѓаните во судството.