Маркет со наредба, продавачките да ги проверуваат торбите на купувачите, оти многу се крадело: Тонеме ли во сиромашија?
Познат ланец на маркети, кој има свои продажни објекти речиси во секој град во земјава, и е познат по ниските цени на прехранбените производи, периодов го привлекува вниманието на купувачите со невообичаено соопштение. Истото е истакнато внатре, веднаш до наплатните каси и на него пишува: Продавачките задолжително да ги проверуваат торбите на купувачите!
Веднаш до него пак, друго соопштение, во кое пишува дека фотографирањето во маркетот е строго забрането, па поради тоа и не го фотографиравме првото соопштение во кое се налага да се врши проверка на торбите.
Но, затоа пак, вработените во маркетот, кои ги прашавме што точно значи оваа наредба, како од пушка одговараат- Тоа значи дека многу се краде!
Појаснуваат дека не се овластени да даваат официјални изјави за медиуми, но во неформален разговор откриваат дека иако во маркетите има камери, сепак со крадците не се излегува на крај.
-Нема што не се краде! И најголемиот број од крадците се возрасни луѓе, во години. Крадат различна храна, конзерви, паштети, па дури и банана чоколади кои се 10 денари парче. Можеби сакаат да им ги однесат на деца, на внучиња, тешки ситуации се ова.
Тоа ни кажува само едно, дека народот тоне во сиромаштија, затоа и се посега на ваков нелегален начин по основното, по храната!- раскажуваат дел од вработените.
Додаваат дека доколку забележат сомнително лице, му ги проверуваат торбите и секогаш наоѓале нешто украдено.
-Мораме така, не сакаме на крај на месец ние да бидеме во минус. Секакви случаи има, секаков народ има, некогаш и жал да те фати, ама се знае што смее, а што не смее, велат продавачките.
Според последните објавени податоци од Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во јули 2024 година, изнесувала 40.961 денари.
Минималната плата во земјава за 2024 година пак, според информации објавени од Министерството за труд и социјална политика во март годинава, изнесува 33.352 денари во бруто износ и 22.567 денари во нето износ.
Според Сојуз на синдикати на Македонија, вредноста на синдикалната минимална кошница за месец јули 2024 година изнесува 60.570 денари, споредена со вредноста на синдикалната минимална кошница за месец јуни 2024 година која изнесува 60.325 денари е зголемена за 245 денари. Со изнајмен стан од 60 квадрати за месец јули изнесува 75.945 денари.