Странските експерти ги провериле случаите со непотребни операции на срце – Алиу ветува дека фактите ќе се обелоденат за неколку недели
Повеќе од пет месеци по прелиминарниот извештај на домашната експертска комисија, која утврди непотребно извршени операции или непотребно упатување на операции на срце во десет од 19 анализирани случаи, сѐ уште не се знае ниту кои болници се засегнати ниту кои доктори биле инволвирани.

Скандалот со непотребните операции лани го откри кардиологот Сашко Кедев, кој обвини дека во приватни болници во Македонија пациенти се упатуваат на оперативни зафати на отворено срце само поради профит и без за тоа да има медицински индикации.
Министерот за здравство, Азир Алиу, во емисијата „360 степени“ потврди дека странската комисија, составена од тројца независни надворешни експерти без никаква поврзаност со македонскиот здравствен систем, веќе го завршила својот извештај. Сепак, за да биде свикана јавна прес-конференција, потребен е уште еден заеднички состанок на внатрешната и надворешната комисија, по кој извештајот ќе биде официјализиран и архивиран. Алиу вети дека тоа ќе се случи „за недели, а не за месеци”.
На прашањето дали наодите на странската комисија се поклопуваат со оние на домашната, министерот одби да даде конкретен одговор, повикувајќи се на тоа дека зборот на експертите мора да дојде пред неговиот. Исто така, тој негираше какво било влијание или притисок од страна на засегнатите приватни болници врз текот на истрагата.Во интервјуто се постави и прашањето за финансиската страна – двете приватни болници за кардиохирургија добиваат околу 20 милиони евра годишно од Фондот за здравствено осигурување, а нивните буџети за оваа година останале непроменети во однос на претходната, и покрај нерешениот случај.
Министерот потврди и дека посетите на болниците се вршат, но без јавно информирање, и дека ќе се формира државен „Харт тим“ (Heart Team), тело кое ќе одлучува за гранични случаи кога е потребна операција, дури откако ќе се донесе конечниот извештај.
…






