Масовна кражба во Салцбург: Исчезнаа 210 позлатени скулптури на Моцарт
Масовна кражба на уметнички скулптури во Салцбург го прекина предвреме проектот посветен на 270-годишнината од раѓањето на Волфганг Амадеус Моцарт. Од поставените фигури исчезнале дури 210 минијатурни позлатени скулптури на познатиот композитор.

Германскиот концептуален уметник Отмар Херл во јули поставил стотици позлатени скулптури во родниот град на Моцарт, во соработка со Фондацијата Моцартеум. Фигурите биле високи околу 50 сантиметри и го прикажувале композиторот со неговото омилено куче Пимперл.
Инсталацијата требало да остане поставена до крајот на август, но бројот на украдени фигури постепено се зголемувал. До 12 август биле украдени 210 скулптури, поради што изложбата била прекината.
Херл првично очекувал повремено да исчезне некоја фигура, но размерите на кражбата го изненадиле. Тој не верува дека станува збор за туристи кои земале по една скулптура како сувенир, туку се сомнева дека зад кражбата стои организирана група.
Иако фигурите изгледаат како да се направени од злато, тие всушност се изработени од полимер и се позлатени. Уметникот планирал по завршувањето на изложбата да ги продава за околу 90 до 100 евра по примерок, па крадците не дошле до вистинско злато.
Организаторите имале одреден број резервни скулптури, но тие не биле доволни за да ги заменат украдените. Дополнителен проблем претставувал и тоа што производителот во моментот бил на годишен одмор, па нови фигури не можеле веднаш да бидат изработени.
Ова не е првпат уметничките инсталации на Херл да бидат мета на крадци. Претходно во германскиот град Бајројт биле украдени и 100 негови скулптури на композиторот Рихард Вагнер.
Салцбург годинава одбележува 270 години од раѓањето на Моцарт, кој е роден во градот на 27 јануари 1756 година. Наместо класичен споменик, Херл преку скулптурите на Моцарт со кучето Пимперл сакал да прикаже една поприватна и почовечка страна од животот на композиторот.






