Масовниот убиец од Цетиње се самоубил, претходно одзеде 12 животи од кои две деца

Масовниот убиец од Цетиње Ацо Мартиновиќ се самоубил, објави црногорскиот министер за внатрешни работи Данило Шарановиќ. Тој вчера уби најмалку 12 луѓе, од кои две деца, а лекарите во Клиничкиот центар во Подгорица се борат за животот на уште четири лица.

Владата на Црна Гора прогласи тридневна национална жалост, почнувајќи од денеска.

Полицијата кажа дека мотивот на убиствата засега не е познат, а убиените биле пријатели, кумови и роднини на 45-годишниот Мартиновиќ. Меѓу нив се и двајца браќа на возраст од десет и 13 години.

Мартиновиќ го почнал својот убиствен поход во кафеаната „Велестово“ близу Спортскиот центар на влезот во Цетиње. Тој наводно се скарал и степал со лицата со кои бил во кафеаната, по што заминал дома и по некое време се вратил вооружен. Во кафеаната убил четворица, а останатите осум на три други локации во градот.

По неколкучасовната потрага Мартиновиќ бил лоциран недалеку од неговата куќа во Цетиње и откако бил опколен, пукал во себе и починал на пат кон болница, кажа директорот на полицијата Лазар Шќепановиќ.

„Сите четворица ранети се оперирани синоќа. Сите се наоѓаат на одделот за интензивна нега, нивните повреди се сериозни, но виталните параметри моментално се стабилни“, изјави директорот на Клиничкиот центар во Подгорица Александар Радовиќ

Back to top button
Close