МЦМС истражување: Граѓаните со голема загриженост од моменталната состојба со Ковид – 19

Истражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) направено во три дела во однос на ставовите на граѓаните поврзани со здравјето но, и со поголем број други состојби што ги предизвика Ковид – 19 покажало голема загриженост на граѓаните (71,3 проценти) од моменталната состојба.

Во првиот дел се обработени прашањата поврзани со загриженоста за моменталната состојба во однос на Ковид-19, ставовите за потеклото на вирусот и влијанието на целата ситуацијата врз работните процеси.

– Демографски гледано, жените се позагрижени (80,6 отсто) од мажите (61,7 отсто), а етничките Македонци (75,4 проценти) од етничките Албанци (56,2 проценти). Грижата од Ковид-19 расте со степенот на образование на испитаниците. Вкупно 60 проценти се загрижени дека тие лично ќе се заразат со корона вирусот. Меѓу нив, поголем е процентот на жени (68,4проценти) од оној на мажи (51,7 проценти). За жал, граѓаните се поделени во грижата дека без да знаат го имаат и го шират вирусот. Ваква грижа на совеста имаат 48,8 отсто од граѓаните, додека 45,5 отсто од нивните сограѓани рекле дека воопшто или само до некаде се загрижени за оваа можност, стои во соопштението од МЦМС чие истражување односно податоци за последната анкета биле прибирани со теренска анкета во периодот од 16 do 22 мај 2020 година.

Анкетата е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1000 испитаници.

Резултатите од истражувањето покажале дека е висок процентот на оние (42,7 отсто) кои сметаат дека Ковид-19 е „излезен“ од лабораторија. Од нив, 36,7 проценти сметаат дека тоа е сторено со намера, а 6,0 проценти сметаат дека се случила грешка.

– Вкупно 19 отсто рекле дека вирусот се појавил природно, а 10,3 проценти се оние кои не веруваат дека постои. Популарните теории дека појавата на Ковид-19 е поврзана со воспоставувањето на 5G мрежите има поддршка од 4,9 проценти од испитаниците. Гледано низ призмата на етничка припадност, Македонците се посклони да веруваат дека вирусот е направен во лабораторија, а Албанците дека тој не постои, покажуваат резултатите од направената анкета.

Во поглед на тоа како се одвива работниот процес, мнозинство од испитаниците (59,1 процент) одговориле дека во моментов работат од работното место, 22 проценти одговориле дека се на принуден одмор, а 17,8 отсто дека работат од дома. За речиси половина 49,2 проценти нема разлика при завршување на работата, додека за 31,1 проценти од испитаниците сега е потешко да ја завршат работата.

– Гледано перспективно, се намалува поддршката на ваквиот начин на работа со зголемувањето на периодот додека за околу една петина овој начин на работа воопшто не е одржлив, стои во соопштението од МЦМС.

Анкетата покажува дека дури 80 проценти од испитаниците сметаат дека работното место им е сигурно, меѓу нив, побројни се мажите. Во поглед на работниот статус, поголема сигурност во работното место покажуваат вработените во јавни институции (84,9 отсто) за разлика од оние вработени во приватни компании (75,2 отсто). Покрај сигурноста во работното место, од одговорите е евидентна и сигурноста во приходите (76,2 проценти). Иако се сигурни за своето работно место, стои во соопштението, дури 79,3 проценти од испитаниците сметаат дека многу луѓе ќе го изгубат работното место поради вирусот.

Останатите два дела од истражувањето, информираат од МЦМС, ќе бидат објавени во текот на наредната неделата.

Back to top button
Close