Меѓународна летна школа „Курирање во контекст“ од денеска до 15 септември
Здружението на граѓани Локомотива – Центар за нови инцијативи во уметноста и културата од Скопје, од 25 август до 15 септември 2020 година јa организира првата Меѓународна летна школа „Курирање во контекст”. Куратори на годинешното издание се Биљана Тануровска- Ќулавковски и Славчо Димитров. Продуцент на школата е Виолета Качакова, а координатор Зорица Зафировска.
Од Локомотива информираат дека ова е прво и пилот издание на школата, која има за цел да прерасне во дел од мастер програма која ќе се имплементира на партнерски универзитет кај нас и кај партнерите од истоимениот – „Курирање во контекст” – двогодишен проект (2019-2021).
Школата ќе биде од затворен карактер, чија програма ќе можат да ја следат годинешните учесници, но, дел од програмите ќе бидат отворени за јавноста.
Проектот се реализира во партнерство со Универзитетот за уметности во Стокхолм и Универзитетот во Загреб (Факултетот за драмски уметности), како и Танцфабрик од Берлин, а е поддржан од „Еразмус +” програмата за образование, тренинг, млади и спорт на Европска Унија. Меѓународна летна школа „Курирање во контекст” оваа година е поддржана и од Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Меѓународна летна школа „Курирање во контекст“ има за цел критички да рефлектира на различните социо-политички и економски контексти, и да развива кураторски методи кои ќе ги преиспитаат практиките на современите (изведувачки) уметности во однос на активизмот, социјалните движења и самоорганизација.
– Оваа година школата ќе ги опфати следниве теми: Курирање и кураторското; Нерепрезентативни форми на курирање како политичка перспектива; Кураторски практики поврзани со социјална правда, социјални движења, активизам, родови и квир политики, самоорганизирани иницијативи, борби за нови форми на „заедничко”; Модели на продукција базирана на соработка и заемност/организација, дисеминација; Нови начини на институирање/воспоставување на кураторското (односи со моќ, вклучување и исклучување) и Кураторското како поставување на агонистички јавен простор, соопштуваат организаторите.
Меѓународна летна школа „Курирање во контекст” како формат ќе опфати: семинари, предавања и презентации, работилници, дискусии, разговори со уметници и куратори, читачки групи и менторска робота со учесниците на школата. Тие ќе бидат водени од признати професори, теоретичари, куратори, драматурзи, продуценти и уметници од домашен и меѓународен контекст.
Главната едукативна програма опфаќа семинари, работилници и предавања кои ќе ги водат: Уна Бауер (Хрватска), Кирстен Маар (Германија), Сузана Милевска (Северна Македонија), Горан Павлиќ (Хрватска), Горан Сергеј Присташ (Хрватска) и Данае Теодориду (Грција); предавања/презентации и дискусии со куратори, уметници и културни работници: Драгана Алфиревиќ (Србија/Словенија), Лидија Бел (САД), Мариана Валенциа (САД), Рок Вевар (Словенија), Дарко Драгичевиќ (Србија/Германија), Ана Ефермсон (Шведска), Јасна Јасна Жмак (Хрватска), Јасмина Заложник (Словенија), Касилс (САД), Марија де ла Па Понзе (Германија), Марта Попивода (Србија/Германија), Николина Присташ (Хрватска), Анастасија Прошутинска (Русија), Тове Салмгрен (Шведска), Мартин Сондеркамп (Германија/Шведска), Тиииит! Инк. – Кристина Леловац и Јана Коцевска, (Северна Македонија) и Маријана Цветковиќ (Србија).
Селектирани се вкупно 15 учесници (студенти магистранти, куратори, истражувачи, теоретичари, уметници) од Северна Македонија, Грција, Хрватска, Германија и Шведска. Од Северна Македонија по пат на отворен повик како селектирани учесници кои ќе земат учество се: Ивана Мирчевска, Кристина Тодороска Петреска и Јана Димитрова.
Јавноста има достап до деталите околу програмските содржини, распоредот на предавања и биографиите на предавачите на веб страната на Локомотива www.lokomotiva.org.mk како и на порталот на Летната школа www.curatingincontext (во моментот во изработка).
Деталната програма и распоредот на меѓународна летна школа „Курирање во контекст” може да се следи на следниов линк.
Школата иницијално беше замислена да се реализира во Скопје во „Кино Култура – проектен простор за современи изведувачки уметности и современа култура”, но поради ситуацијата со ковид-19 и мерките за заштита и превенција од пандемијата, школата ќе се реализира онлајн преку специјално креирана дигитална платформа и со користење на други дигитални интерактивни алатки.