Медиуми: САД забранија приватна компанија да испраќа сателитски снимки во Украина
Американската компанија Maxar Technologies го прекина пристапот на Украина до нејзините сателитски снимки, објави украинскиот портал Militaryi, повикувајќи се на неименувани корисници на оваа услуга.
Официјалното објаснување што корисниците го добијале е дека прекинот настанал „на административно барање“.
Порталот пишува дека прекинот на услугата настанал поради претходна одлука на американската влада да престане да испраќа разузнавачки информации во Украина. Забраната се однесува на јавните и приватните корисници во Украина.
Maxar Technologies е приватна американска компанија која беше главен снабдувач на комерцијални сателитски снимки кои ѝ ги открија на Украина движењата на руските сили и резултатите од нападите врз важни објекти, било на окупирана територија или во самата Русија.
Исто така, сателитските снимки на Максар се повеќепати користени од светските медиуми за илустрација и анализа на бојното поле.