Мелони: Неопходно е итно триесетдневно примирје во Украина
Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска преку видео-линк учествуваше на состанокот на лидерите за поддршка на Украина и го обнови повикот за итно 30-дневно примирје, соопшти нејзиниот кабинет.
Во соопштението се нагласува потребата од целосно и безусловно 30-дневно примирје, а Мелони изрази надеж дека Русија позитивно ќе одговори на апелот на американскиот претседател Доналд Трамп, како што тоа веќе го направи Украина, пренесува италијанската новинска агенција АНСА.
„За време на дискусијата повторено е и значењето на големиот настан во знак на поддршка на Киев, што Италија ќе го организира во јули, со конференцијата на ниво на шефови на држави и влади за обнова на Украина“, се вели во соопштението на италијанската Влада.