Металург одигра нерешено против Фајверс
Металург го освои првиот бод во групната фаза во ракометната Лига Европа, откако по двата стартни порази, вечерва во драматичен натпревар во Скопје одигра нерешено 33:33 (16:19) против Фајверс.
Македонскиот тим постојано беше во резултатска негатива во првиот дел и на пауза замина со негатива од три голови разлика.
Второто полувреме донесе поинаква слика на теренот и Металург со серија од 8:3 го сврте резултатот во своја корист за водство од 25:22 на 15-ина минути до крајот.
Уследи нова криза во редовите на тимот од Автокоманда што австрискиот тим ја искористи за да го врати водството и мечот влезе во неизвесна завршница во која Металург со два гола во последните минути ја анулираше предноста на Фајверс за конечни 33:33.
Најефикасни во редовите на Металург беа Златко Хорват со осум и Мартин Серафимов со седум голови.
Шансата за прва победа во А-групата, Металург ќе ја бара на натпреварот од 4. коло против Тулуз, на 6 февруари во Скопје.