Метлата на вештерката 

За земја како нашата, екстремно мала, на стратешка раскрсница во јужниот дел на Балканот и мултикултурна во состав – да се стабилизира демократија потребни се неколку основни услови и принципи (и без да се прочита Тукидит):

Земјата мора да ги држи отворени основните артерии на сообраќање Југ-Север, Исток – Запад (инаку сите стануваат нервозни и ја роварат или делат, што е патем наша историја до сега. Имено таква земја нема “луксуз” да биде во хаос и безредие подолго време, или да биде “оставена сама со себе”);

Таа мора да се одржува себе отворена за “мека арбитража” на значајни медијатори постојано (ЕУ, САД) по основните етно-правни прашања, човекови и малцински права (и не може да се занесува со реторика на апстрактна сувереност и затвореност “оставете не сами да си решиме сè”. Ние ни сила, ниту толеранција, ниту политичка одговорност, а ниту пари имаме за решавање сè сами. Тоа го немаат патем ни многу поголеми земји затоа се здружуваат во меѓународни организации;

Пресудна е важна одговорна политичка елита која верува во либералните принципи на современата демократија (независно дали е либертаријанско-конзервативна или либерално-социјалдемократска) и во меѓуетнички договарања за да може да одржи политичка динамика на развој и демократски односи внатре во земјата како основа за безбедносна стабилност.

Претпоставувате, драги мои, дека сегашнава политичка што-и-да-е елита на ДПМНЕ ги нема и не верува, да не кажам ги мрази сите од наведениве принципи – услови на опстојување на државата која ја нарекува “своја” и во која времено управува. ДПМНЕ својата политичка изборна мобилизација постојано ја води точно на спротивни претпоставки од наведените егзистенцијални услови на државата. Со тоа ДПМНЕ владее во времено лимбо, инерција и создава криза во надоаѓање на распад на заедницата Македонија.

Партијата не успева да се пресоздаде во либертаријанско-конзервативна демократска партија и останува дувло на ширење омраза и најдолни ксенофобични пориви. Наместо да го предводи и донекаде образува своето гласачко тело, ДПМНЕ ги стимулира најниските конспиративни матрици на политичко мислење кај него, хомофобија и мизогинија, национално-шовинистички пориви, примитивна патријахална хиерархија, страв од отворање и ксенофобија – од кои пориви потоа повратно се храни и паразитира “владеејќи”.

Тоа има граници на издржливост. Тоа се руши како што се сруши груевизмот: однатре со народна протесна мобилизација и опозициона партиска упорна критика и акција, а однадвор со МЕТЛА (која е насловна тема на текстов).

 

Како се доаѓа до “ситуацијата метла”?

Денес Европа ја презира македонската владејачка политичка елита и позиција. Тоа е изразено јасно (појасно тешко) во игнорирање и упатување на условите од Преговарачката рамка за членство во ЕУ за земјата. Дополнето е со (во кулоарите) потполно неразбирање што всушност сака оваа македонска елита – која не разбира дека оваа преговарачка рамка всушност ги обезбедува клучните македонски грижи кон Бугарија (идентитетот и јазикот ) што не може појасно и посигурно. Тука ЕУ дига ѕид кон нас во овој период и нè остава да висиме по ходниците на нивните згради.

Нашиве се во меѓувреме жива греота: Премиерот воопшто не води надворешна политика (се откажал од најважната функција). Претседателката со прстињата ги кара и ќе ги “евалуира евалуаторите” од ЕУ, за греота жената! Не знаат што бараат иако изгледа јасно со еден збор “гаранции” бараат. Ниту знаат да објаснат како би изгледале тие гаранции што би ги задоволиле (со речникот на Хорхе-логопедот: гаранциите се гаранции, како да ни објаснат повеќе?). Не им е правно јасно како до таквите гаранции би дошле за да им сугерираат на ЕУ бирократите што точно бараат (патем “советниците” на Премиерот за овие работи примаат како видовме по 2.000 евра плата)?

Но што за наша среќа во целава несреќа ќе се случува со ЕУ во годиниве пред нас?

По крајот на војната во Украина и по американското јасно повлекување од Европа (барем за времето на оваа администрација) ЕУ се ориентира кон сопствено финасирање на одбраната, вооружување и фортифицирање на границите кон Русија (која се третира како закана). Последново е посебно важно за нас. Имено по фортификација, јасно зацврстување на границите кон Русија од Балтикот до Бугарија и Турција, следи етапа на консолидација на мекиот стомак или дупките на можно руско влијание од-зад грбот на така утврдените граници, слабите точки. Тамо сме ние конечно, драги мои! Таму се Молдавија, Србија, Македонија, Босна. Сите се потешки за безбедносно решавање и де-русифицирање од Македонија. Ние сме партали што во овој случај ни оди во прилог, барем на либералите меѓу нас. Значи поради европскиот интерес за консолидација кон Русија ќе се засили фокусот врз нас како слаба точка, која уште и се пренемага. Тоа е моментот на “ситуацијата метла”!

Кога се зборува за политичка метла тоа не значи нужно метење на личностите туку, пред сè, на политиките. Тоа кај нас ќе се одвива со безусловен притисок за уставни промени и стегање на обрачот на сомнителните инвестиции со руско-српско-унгарско потекло. Видовме кратко како незаинтересираните Американци ги “залепија Србите” со снабдувањето со нафта и гас. Значи таму ќе работат различни “црни листи и тефтери” и не се сомневајте во тоа нашиве ќе легнат на брашното одма!

Како тоа дома ќе се одвива, како опозицијата ќе се снајде во сето тоа е друга темa. Во овој текст целта ни е да ја лоцираме ситуација која надоаѓа, а која ја нарековме Метлата на Вештерката.

Љубомир Д. Фрчкоски

Back to top button
Close