Мицкоски: Ќе ја продолжиме мерката за намалување на ДДВ за дизелот, а блиску сме и до договор со „Окта“ за дополнителен попуст

Оценувајќи ја ситуацијата во светот како сложена, премиерот рече дека сме во екот на најголемата енергетска криза што човештвото ја памети, како и дека се наоѓаме на линијата на фронтот на „невидливата и тивка трета светска војна“

Владата денеска ќе одржи седница на која ќе ја продолжи мерката за намалување на ДДВ за дизелот од 18 на 10 проценти, која истекува утре, најави премиерот Христијан Мицкоски.

Сепак, премиерот не кажа до кога ќе биде продолжена мерката што треба да помогне во амортизирањето на цените на овој вид гориво

Одговарајќи на новинарско прашање за време на денешната посета на Општина Чешиново-Облешево, премиерот додаде дека во меѓувреме продолжуваат и преговорите со компанијата „Окта“, како најголем снабдувач со нафта и нафтени деривати во државата, за дополнителен попуст на енергенсите.

„Мислам дека сме блиску до постигнување решение да имаме намалување на цената барем кај дизелот за дополнителни два денари по литар“,изјави Мицкоски.

Инаку, кога станува збор за енергетската криза, премиерот денеска беше прашан дали најавениот американски увоз на руски дизел ќе има влијание на цените кај нас. Рече дека на цените во земјава генерално влијаат тековите на светските берзи, посочувајќи притоа дека со мерките што ги презема, Владата успева да ги одржи цените на дизелот и на бензините најниски во Европа.

„Факт е дека Владата за разлика од сите влади во Европа најмалку зафаќа во делот на данокот на додадена вредност (ДДВ) и акцизите и затоа денеска граѓаните имаат најниски цени во Европа кога станува збор за дизел-горивото и безоловниот бензин. Веќе имаме држави во Европа каде безоловниот безнин и дизел-горивото се продаваат за над три евра, 3,2; 3,3, па дури и 3,5 евра по литар, а кај нас и дизел-горивото и безоловниот бензин од 95 октани се под 1,6 евра за литар, односно се со најниска цена во Европа“рече Мицкоски, додавајќи дека како извршна власт ќе продолжат со истата политика.

Оценувајќи ја ситуацијата во светот како сложена, премиерот рече дека сме во екот на најголемата енергетска криза што човештвото ја памети, како и дека се наоѓаме на линијата на фронтот на „невидливата и тивка трета светска војна“.

 

„Сложена е состојбата за жал во светот. Јас честопати знам да кажам дека се наоѓаме во екот на најголемата енергетска криза што човештвото ја памети и се наоѓаме на линијата на фронтот на невидливата, би рекол, условно кажано, и тивка трета светска војна“изјави премиерот.

Според него, Македонија сега засега одлично се справува со предизвиците во однос на кризата. Вели дека до крајот на годината државата е „апсолутно обезбедена“ со потребните количини од сите видови горива, а очекува и следната година да нема поголеми турбуленции, иако, како што додаде, предизвици секако ќе има.

Во тој контекст, тој го спомена продуктоводот, односно нафтоводот што го поврзува солунското пристаниште со рафинеријата „Окта“, наведувајќи дека тој е наполнет и дека ќе има доволно количини гориво за македонските граѓани.

Доволно гориво, додаде тој, нема да има само за граѓаните на земјава, туку и за граѓаните на соседните земји, кои доаѓаат да полнат кај нас, бидејќи Македонија има најниска цена на горивата. Си тоа, рече Мицкоски, двојно е зголемен конзумот на дизел, особено во пограничните места во државата.

Тој се осврна и на цената на електричната енергија, отфрлајќи ги како шпекулации наводите дека до крајот на годината ќе има нивелирање на цената.

„Можам исто така да кажам дека оние шпекулации дека до крајот на годината ќе има нивелирање на цената на електричната енергија нема да има откако сме како влада избрани. Немаме покачување на цената на електричната енергија. Се сеќавате во минатите години владата на СДСМ и ДУИ безмалку ја дуплираше цената на електричната енергија. Така што остануваме посветени да го штитиме стандардот на граѓаните“,изјави Мицкоски.

Денеска Собранието на пленарна седница со 70 гласа „за“ и без „против“ и „воздржани“, ја донесе одлуката за продолжување на кризната состојба за нафта и нафтени деривати до 20 април 2027 година, која истекуваше утре.

Back to top button
Close