Мицкоски и Радев со различна верзија за тоа што разговарале во Вудсток

Два дена по средбата со бугарскиот претседател Румен Радев, на Самитот на Европската политичка заедница во Лондон, премиерот Христијан Мицкоски сподели и детали за што станало збор на средбата.

Одговарајќи на новинарско прашање по денешното отпочнување на градба на градинка во Општината Гази Баба, тој ја сведе средбата на куртоазна, на која размениле неколку реченици.

„Разговарав на маргините со претседателот на Бугарија, господинот Радев. И разговорот се сведе на неколку реченици дека треба да седнеме и да се договориме, да договориме одржливо решение бидејќи како добри соседи, регионално ни треба да се претставиме пред трети земји.

Тоа беше генерално таа куртоазна средба. Добив впечаток дека не е сигурен дека ќе има наскоро политичка влада во Бугарија, дека ќе има избори таму некаде наесен, октомври и дека сега за сега, ценам дека од таа страна нема енергија за дијалог и одглавување на овој процес“изјави премиерот Мицкоски.

Мицкоски додаде и дека бил споменат примерот на балтичките и скандинавските држави, кои со заеднички настап се поатрактивни во многу сегменти.

Тоа што го кажа Мицкоски за средбата со Радев е поразлично од она што го кажа Радев за средбата со Мицкоски. Бугарските медими јавуваа дека бугарскиот претседател на македонскиот премиер дека се надева оти забрзано ќе ги спроведе договорите.

„За време на разговорите со премиерот на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски, Радев изразил надеж дека Северна Македонија ќе го забрза спроведувањето на билатералниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија и договорите кои земјата ги има со Европската Унија, со што ќе се отвори перспективата за почеток на преговори за полноправно членство со ЕУ“,прене тогаш агенцијата БТА.

На темата Бугарија и измени на Уставот, Мицкоски беше прашан за предлогот кој го образложи министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, дека земјава е подготвена да ги внесе Бугарите во Уставот согласно преговарачката рамка за земјава, но тие да стапат на сила кога земјава ќе влезе во ЕУ.

Мицкоски им објасни на новинарите дека тоа не е нова идеја, туку дека е едно од предизборните ветувања на партијата. Така што, ја потврди својата заложба за таквото сценарио и објасни зошто го смета за добро решение.

„Направивме премногу во минатото. Премногу, како ниту еден народ во Европа. Сменивме знаме, менувавме грб, менувавме под притисок банкноти, Устав неколку пати, име… Се што можеше да се смени за да бидеме понижени како народ, направивме. Не знам уште што остана. И секогаш без исклучок ни беше кажувано, уште само ова и тоа е последно. Но, некако, секогаш имаше уште нешто“,кажа Мицкоски

Мицкоски ја заокружи тезата со став дека дали нечии права се нарушени треба да судат институциите кои се формирани за тоа, односно Судот за човекови прави. Па, додаде дека тој суд има 14 пресуди дека Бугарија ги крши правата на тамошните Македонци. А дека за земјава има нула пресуди дека е сторено нешто такво кон лица кои се идентификуваат како Бугари.

Back to top button
Close