Мицкоски: „Коњ, коњ, давам кралство за коњ!“

Ви пренесуваме дел од колумната на Сашо Орданоски за Цивил Медиа:

Ако се во право моите (фала на прашање) пословично добри извори во опозициската ВМРО-ДПМНЕ, врвот на партијата, откако ги прегореле дигитроните неуспешно пресметувајќи (со „математичка прецизност“) како да направат „своја“ нова влада, сега се предадени на само едно (за себе) спасоносно решение: да го убедат Заев дека она што на Македонија ѝ е итно неопходно е – создавање на „концентрациона влада“!

Со други зборови – патем, сценариово е креирано од добро познатите пара-безбедносно-разузнавачки персоналитети и нивните удбашки екстензии со кои е окружен Мицкоски – тоа би била влада во која ќе седнат претставници од најмногубројните политички партии во новото Собрание, за во следниот мандат ефикасно да ја спроведат евро-атлантската агенда на земјата!

Генијално! Така Мицкоски, за своите внатрешни партиски потреби на опстанок, ќе може да толкува дека навистина не ги изгубил изборите; мислат дека тоа би му одговарало за „спасување на образот“ и на ДУИ, чие „модалитетно“ учество во идната влада, инаку, „виси на конец“; а идејата за „стабилност на државата“ ќе почнат поинтензивно да ја „продаваат“ на меѓународната заедница, практично, почнувајќи од денеска.

Па – што даде Господ!

Кодното оперативно име за создавањето на ваквата влада е: „Ле-ле-ле-ле, баба роди теле!“

Додуша, уште немаат расчистено каква врска би имале тие со евро-атлантската агенда на Македонија, со оглед на упорните повеќегодишни напори до неа да не дојде, иако, наводно, би биле „широкогради“ со понудата таква влада да поддржат, под услов да не ја предводи Зоран Заев.

Преостанува уште Заев да го натераат да истрча неколку кругови околу Собранието и, со повремено рикање, да извикува: „Јас сум магаре со ушите нагоре!“… Добро, свесни се дека тоа им е максималистичкото барање, би се согласиле и со рефренот: „Јас сум Зајко кукурајко!“, ама под услов Чулев да се врати за министер за внатрешни работи! Под тој минимум не одат. Или тоа – или Гордана Силјановска да се избере за претседател на Собранието. Ако ви чини!

А, во меѓувреме, во самото ВМРО-ДПМНЕ – според моиве извори – се одвиваат занимливи процеси… Кратката дијагноза би била: три групи војуваат и меѓусебно, јавно и тајно, безмилосно се напаѓаат, а големото партиско мнозинство збунето набљудува и го чека исходот околу тоа кој ќе ја формира новата влада.

Првата група носи име „Милевисти“, бидејќи се под влијание на Миле Јанакиевски (попознат и по прекарот: „Парите не ги давам!“). Дел од сегашниот ИК на ВМРО-ДПМНЕ, со Мицкоски и Јанушев на чело, се предводници на групата на Миле, со неколку од новите пратеници кои, по заслуга на „купување бурек на Миле“, од петтиот партиски ешалон, се пробија во првиот. Нивната цел е една: Миле да не оди во затвор, а со тоа да не пропаднат и „парите на партијата“. Ароганцијата и агресивноста на оваа група расте – следете само што говорат секојдневно партиските портпароли – паралелно со стравот од внатрепартиските промени.

Логистиката на оваа група во последнава година е особено зајакната од „рекетираниот“ бизнисмен со неговите „пролупани“ пропагандни и кулоарски ресурси, иако постои страв дека тој сите „би ги пуштил низ вода“, бидејќи се свесни дека тој се обидува да води „паралелни“ преговори со кого ќе стигне.

Целата колумна на Цивил Медиа на следниот линк.

Back to top button
Close