Мицкоски на отворање на новите канцеларии на здружението „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“: Македонците во пиринскиот дел ја немаат оваа можност

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на државата, Христијан Мицкоски, денеска на покана на Здружението „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“ во Тирана присуствувал на отворање на новата канцеларија на ова здружение, информираа од владејачката партија.

Покрај Мицкоски, на свеченото отворање на канцеларијата, присуствувале и генералниот секретар на партијата, Ѓорѓија Сајкоски, како и претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Жаклина Пешевска.

Мицкоски, се наведува во соопштението, во обраќањето пред присутните ја нагласил можноста на Македонците во Албанија да имаат свој клуб, во рамките на кој здружено и слободно работата на зачувување на својата култура, идентитет, јазик и традиција, можност, како што кажал, ја немаат Македонците во пиринскиот дел на Бугарија.

„Македонците во пиринскиот дел ја немаат оваа можност да се организираат. Во 21 век се спречени да регистрираат невладино здружение, не можат да зборуваат слободно за својот македонски идентитет. Ние сме вредни, трпеливи и умни и ве уверувам дали сега или во периодот којшто следува ќе дојдеме до таа цел“,рекол лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на државата.
Од свеченото отворање на новата канцеларија на здружението „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“ / Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Во обраќањето, тој додал и дека му е драго што на сите присутни на свеченоста им е јасен „тој наш вековен автентичен македонски корен и наш вековен македонски идентитет“, и дека е импресиониран што македонскиот јазик се негува и се чува.

Тој, исто така, посочил дека македонската држава ќе биде столб на Македонците во светот, каде и да се.

„Македонската држава ќе биде столб на Македонците во светот каде и да се, држава којашто е нивна татковина, држава којашто со отворени раце ги чека да дојдат дома и да бидат заедно со Македонците во Македонија“,порачал Мицкоски на отворањето на клубот на македонско здружение  “ВМРО-ДПМНЕ Албанија“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на државата, Христијан Мицкоски со дел од присутните на настанот / Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Инаку, од Владата вечерва соопштија дека премиерот Мицкоски утре ќе учествува на самитот на лидери, насловен „Нашиот план до ЕУ“, кој ќе се одржи во Тирана, Република Албанија.

Предвидено е тој да има обраќање на панел-дискусијата насловена „Исполнување на заеднички обврски, резултати и забрзување“.

Back to top button
Close