Мицкоски организира раскошни гозби додека граѓаните едвај врзуваат крај со крај – СДСМ со критики за Велигденскиот ручек на премиерот

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) денеска упати критики до премиерот Христијан Мицкоски во врска со ручекот што тој по повод Велигден вчера го организира во еден скопски хотел.

Споредувајќи го со францускиот крал Луј XIV, опозиционерите во писменото соопштение велат дека премиерот организира раскошни гозби на сметка на народот, додека, среде криза, македонските семејства влегуваат во велигденските празници со празни фрижидери и полупразни трпези.

„Граѓаните едвај врзуваат крај со крај, не знаат дали ќе имаат за леб, како да го поминат месецот, а Мицкоски како Луј XIV, со владините функционери уживаат во раскошни гозби во скапи хотели. Додека мајки и татковци не знаат како да обезбедат празнична трпеза за своите деца, власта се гоштева со лосос на сметка на граѓаните. Нема пари за 600 евра минимална плата за работниците, нема пари за мерки за помош на ранливите граѓаните, само кога е Мицкоски и неговиот луксуз во прашање има пари“се вели во реакцијата од СДСМ.

Според партијата, луксузирањето на грбот на народот во скапи хотели не е ароганција, туку навреда за секој граѓанин.

Во тој контекст, од СДСМ упатуваат директни критики до премиерот Мицкоски, наведувајќи дека човек кој носи часовник од 60 000 евра „очигледно одамна го изгубил контактот со реалноста во која живее народот“.

„Не знае што значи празен фрижидер. Не знае што значи да немаш за леб. Оваа власт не чувствува, не разбира и не се грижи за народот. Власта мисли само на себе. Се најаде ли Мицкоски? Колку им е доволно на функционерите од ВМРО-ОКГ? До кога ќе го понижуваат народот?“велат од опозицискиот Социјалдемократски сојуз.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера во еден скопски хотел приреди ручек по повод претстојниот верски празник Велигден, на кој, меѓу другите, присуствуваа претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова , поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), г.г. Стефан, поглаварот на Исламската верска заедница (ИВЗ), Шаќир Фетаи, министри во Владата, пратеници, градоначалници и претставници на медиумите.

Мицкоски преку објава на својот фејсбук-профил сподели фотографии од Велигденскиот ручек наведувајќи дека настанот ги обединил претставниците на институциите и општествениот живот во заедничко славење на вредностите што ги носи празникот

Back to top button
Close