Мицкоски: Прашање на време е кога Груби и Васко Ковачевски ќе се вратат и ќе одговараат, ќе видиме дали чувството ме лаже или не

Премирот Христијан Мицкоски не гледа институционален, ниту било каков пропуст во врска со бегството на ексвицепремиерот и висок функционер на ДУИ, Артан Груби, како и за актуелната недостапност на поранешниот директор на „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), Васко Ковачевски за органите на прогонот.

Ексвицепремиерот, Артан Груби (осомничен во случајот „Лотарија“) и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски (осомничен во случајот „Адитив“) кои се бараат со меѓународни потерници / Фотоколаж: „360 степени“

Според премиерот, прашање на време е кога овие, како што ги нарече, бегалци од правдата, ќе се вратат во земјава и ќе одговараат за кривичните дела кои им се ставаат на товар.

„Затоа што знаете, да сте бегалец одправдата не е така едноставен живот, па дури и да го смените континентот. Така што мислам дека таа работа нема така да заврши. Прашање на време е кога овие бегалци од правдата ќе се соочат со истата“,

изјави Мицкоски одговорајќи на новинарски прашања на денешната заедничка прес-конференција со министерката за образование Весна Јаневска.

Прашан на што го темели оптимизмот дека Груби и Ковачевски ќе се вратат во државата, претседателот на Владата беше краток во одговорот, велејќи дека тоа го покажува искуството, но и дека има такво чувство.

„(Оптимизмот) го темелам на искуството коешто вели дека правдата е спора, но секогаш доаѓа. Порано или подоцна. Не мислам дека ќе има исклучок и во овој случај. Имам такво чувство. Да видиме дали чувството ме лаже или не“,кажа Мицкоски.

За потестување, ексвицепремиерот Артан Груби и поранешниот директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајарами се осомничени за проневера во службата во случајот „Лотарија“, каде, според Обвинителството, станува збор за противправно прибавување на буџетски средстав во износ од над осум милиони евра.

Против двајцата е распишана меѓународна потерница, а Кривичниот суд им одредни 30 дневен притвор, кој ќе почне да се спроведува по нивното пронаоѓање.

Деновиве актуелна тема во јавноста е локацијата на Артан Груби, откако лидерот на ДУИ, Али Ахмети во изјава за косовските медиуми изјави дека поранешниот вицепремиер е добро и оти се наоѓа на „албанските простори“. Откако беше прозван од премиерот, но и од опозициската СДСМ да каже пред истражните органи каде се наоѓа Груби, лидерот на ДУИ вчера во изјава за ТВ 21, условно кажано, ретерираше од претходниот став, дообјаснувајќи се дека нема контакт со Груби и нема детални информации за тоа каде во моментот се наоѓа тој. Изјавата што ја дал за косовските медиуми рече дека му била базирана на јавно изнесени информации од преставници на Владата.

Што се однесува до Васко Ковачевски, тој е еден дваесет и тројцата осомничен во случајот „Адитив“. Од вчера и тој се најде на листата на осомничени кои се бараат со меѓународна потерница што ја распиша Министерството за внатрешни работи по наредба и изјава на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГООК).

Инаку, премиерот Мицкоски денеска беше прашан и за неговите критики кои изминатиот период ги упатуваше на адреса на Јавното обвинителство, поради, како што, тврдеше неажурност во постапките.

 

 

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција во Владата / Фото: Сектор за односи со јавност на Владата на РСМ

Дали нешто се подобрило, според неговата перцепција, во работење на Обвинителството, Мицкоски кажа дека одлучил да не ја коментира работата на оваа институција, освен во случај ако забележи калкулантски однос.

 

„Јас премногу често го коментирам работењето на Обвинителството и одлучив да не го коментирам работењето на Обвинителството. Само во случаи кога ќе видам дека Обвинителството калкулира, тогаш ќе си дозволам да го коментирам. Последниот пат тоа го направи министерот за внатрешни работи на прашањето зошто немаше потерница за Васко Ковачевски и видов дека следните ден-два се корегирше Обвинителството. Тоа значи дека нашите коментари имаат позитивна улога во работењето на Обвинителството. Доколку видиме дека има калкулантско однесување тогаш жестокот ќе коментираме и ќе бараме одговорност“,рече Мицкоски.

Back to top button
Close