Мицкоски: Вкупната каматна стапка за заемот од договорот со Обединетото Кралство ќе биде пониска од маргината 4,5 проценти
Вкупната каматна стапка за заемот од Договорот со Обединетото Кралство ќе биде пониска од маргината 4,5 проценти, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, појаснувајќи дека ние го користиме кредитниот рејтинг на Обединетото Кралство што е три пати А, најдоброто што во овој момент може да го добиеме како земја на пазарот.
Ова, како што нагласи Мицкоски, е она што може да го каже со сигурност од досега договореното, нагласувајќи дека финансиските услови се уште не се докрај договорени и дека се уште нема таков дијалог отворено со никого и кога ќе отворат тогаш ќе може да каже детали.
„Договорот е за стратешко партнерство меѓу Македонија и Обединетото Кралство и тој поминува во собраниска процедура. Во делот на финансиските аранжмани ние имаме преговори со финансиски институции од таа земја и имаме од прилика стурктура колку би била каматната стапка за тој еден заем и би кажал дека е подоле од долната маргина што ја кажавте“изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција за промоција на оперативниот план за вработување.
Но, нагласи Мицкоски, ние нема да одиме на директно потпишување договор со таа финансиска институција, туку Министерството за финансии откако ќе добие барање за проект ќе излезе на меѓународен пазар и ќе има конкурентен дијалог со 18-20 потенцијални кредитодаватели, меѓу кои и европските банки.
„Оној што е подготвен да финансира вакви проекти, со одредена конкурентна каматна стапка, ќе биде избран. Не можеме од сега да знаеме дали таа финансиска институција со која ќе преговараме ќе биде најконкурентна. Таа ќе биде избрана само под услов да е најконкурентна, затоа не е дел од договорот, затоа што таа процедура допрва ќе се случува. И тоа ќе биде транспарентно и нема да биде скриено, нема да се носи со европско знаме и нема да биде класифицирано. Зарем мислите дека јас сум тука да дозволам државата да направи фаул или пак граѓаните да бидат ограбени. Напротив, ние добивме доверба за да ја развиваме“,рече премиерот.
Финансиските услови се уште не се докрај договорени, нагласи тој, посочувајќи дека во случајот има петгодишен грејс период и првата фактура би доспеала 1 јануари 2027 година и од тогаш ќе стартува грејс периодот.