Мицкоски за министерката Јаневска: Жената е ожалостена бидејќи сопругот неодамна ѝ почина, не е добро некој така да ѝ се обраќа


„Мене не ми пречи албанскиот, ниту турскиот, влашкиот, српскиот…Ниту еден јазик не ми пречи, не знам зошто се вознемирувате. Но, ако го читаме Уставот, според него, тоа е сега, македонскиот јазик е официјален и неговото кирилско писмо“ рече денеска премиерот Христијан Мицкоски на седницата за пратенички прашања во одговор до пратеникот Скендер Реџепи-Зејд, на кого му порача дека слободно може да си го користи албанскиот јазик.

-Дури и се трудам да го учам и да го научам. Се надевам дека за некоја година од денеска, ќе можам да не ги користам слушалките и ќе можам да го разберам тоа што го кажувате. Мислам дека преводот не е соодветен на тоа што го кажувате, колку толку имам познавање на некои од речениците. Ако вие алудирате на прашањето на новинарот кон министерката за образование, тоа е сосема друго. Ако сакате, можеме и за тоа да зборуваме. Прво, беше непристојно на дама, така некој да ѝ се обрати, без разлика дали е на албански или македонски. Второ, жената е ожалостена бидејќи сопругот ѝ почина неодамна и е во црнина и не е добро така некој да ѝ се обраќа. Треба некои елементарни работи да ги почитуваме, човечки се. Тука нема врска Албанци, Македонци, Шпанци…Наместо да се извини, тоа младо момче продолжува со дообјаснување. Но, во ред, некој некогаш ги учи работите по потешкиот пат или полесниот, некој на туѓите грешки – рече Мицкоски.


Бурни реакции во јавноста предизвика новинарот Невриј Адеми кој, пред неколку дена на министерката за образование Весна Јаневска ѝ се обрати со зборовите „ти кажавме да си земеш преведувач“.

0 comments

Back to top button
Close