Мицкоски: Зарем е за верување оти говорот на првата дама на САД оди на рецензија кај некој дипломатски претставник

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави оти не верува дека некој грчки дипломатски претставник во Вашингтон има увид во говорот на првата дама на Соединетите Американски Држави (САД), Меланија Трамп, по што спречил таа да го употреби името Македонија.

Ова тој го кажа како одговор на новинарско прашање за информациите во грчките медиуми дека грчката амбасада во Вашингтон реагирала и превенирала да се употреби името Македонија за нашата земја на собирот на која присуствувала неговата сопруга, Рози Мицкоска.

„Јас го прочитав тој натпис во медиумите кај нашиот јужен сосед. Претпоставувам дека изворот е дипломатски. Зарем некој може да верува дека говорот на првата дама на САД пред таа да го каже во јавност оди на рецензија кај некој дипломатски претставник? Јас не верувам во тоа“рече тој.

Според него, ако тоа се случило, тогаш САД имаат сериозен проблем во безбедносниот протокол.

„А тоа што, претпоставувам, дипломатите од некоја амбасада сакаат да бидат интересни, можеби за медиумите, па тоа го претпоставуваат како не знам каков дипломатски успех или нешто слично, тоа е друга тема. Верувајте, од моето искуство, да речам, невозможно е некој надворешен да дојде до говорот на првата дама на САД пред таа да го соопшти во јавноста. Оние што ова го осмислиле мислам дека направиле безуспешна играна серија“кажа Мицкоски.

Инаку, објавите во грчките медиуми велат дека Амбасадата на Република Грција во Вашингтон презела дипломатски мерки и реагирала во говорот на првата дама на САД, Меланија Трамп, во делот каде што таа требало да ја нарече нашата земја со името Македонија. Според тамошните медиуми, Меланија Трамп требала да ѝ се обрати на сопругата на премиерот Христијан Мицкоски со фразата „Добре дојде, Македонија“ на настан во присуство на гости од 45 земји. Сепак, грчкиот амбасадор во американската престолнина, Андонис Александридис, бил навремено информиран за говорот на Меланија и ги презел потребните мерки.

По интервенцијата на нивниот амбасадор, како што пишуваат грчките медиуми, првата дама на САД ѝ се обратила на нашата земја под нејзиното уставно име Северна Македонија, со што се избегнало какво било погрешно толкување или дипломатска тензија.

Интервенцијата, според „Грик репортер“, била објаснета како корективна мерка наменета за почитување на правните стандарди од Преспанскиот договор од 2018 година.

Грчките дипломати контактирале со надлежните служби за да се осигурат дека официјалните записи и идните комуникации ја одразуваат точната терминологија. Амбасадата појасни дека користењето на името Македонија не само што ги игнорира меѓународните договори, туку предизвикува и регионална конфузија во врска со грчкиот културен идентитет.

Инаку, сопругата на премиерот Рози Мицкоска, учествуваше на дводневен самит „Fostering the Future Together Global Coalition Samit“ во Вашингтон, организиран од првата дама на САД, Меланија Трамп.

На овој самит учествуваа претставници од 45 држави и над 20 водечки технолошки компании, а неговата цел е да ја зајакне глобалната соработка за подобрување на образованието, технологијата и благосостојбата на децата во услови на дигитална ера.

Back to top button
Close