Мицотакис дециден: Нема да ги ратификуваме меморандумите од Договорот од Преспа

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис утрово во студиото на грчката телевизија СКАИ беше дециден дека грчкиот парламент нема да ги ратификува трите меморандуми од Договорот од Преспа откако опозициската СИРИЗА вчера во парламентот ги достави трите меморандуми, како предлози на закон на официјалната опозиција, но со потполно иста содржина како оние поднесени во септември 2020 година од тогашните министри на Владата на Мицотакис.

Трите меморандуми се однесуваат на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ, економската соработка меѓу Грција и Северна Македонија и надзор над воздушниот простор.

-Ратификацијата на трите меморандуми за соработка со Северна Македонија, во рамките на Договорот од Преспа, е императив од национален интерес, рече вчера по поднесувањето на меморандумите претседателот на пратеничката група на Сириза, Сократис Фамелос.

„Жал ми е што господинот Каселакис ги усвојува најлошите навики на неговиот претходник“, рече грчкиот премиер Мицотакис коментирајќи го ставот на опозицијата за Договорот од Преспа.

-Ги истакнав проблемите од Договорот од Преспа, бидејќи договорот ги утврдува термините „македонски“ и „македонски јазик“. Ја предупредив и новата влада во Скопје со јасна изјава дека секое отстапување од Договорот од Преспа ќе има сериозни последици и во односот со нас и во однос на патот кон Европа. Во однос на меморандумите, СИРИЗА сега бара да ги ратификуваме меморандумите и да го откажеме најосновното оружје што го имаме за почитување и спроведување на договорот. Она што СИРИЗА од нас го бара е чин кој ги достигнува границите на апсурдноста, рече Мицотакис.

Тој беше дециден дека Грција нема да ги ратификува меморандумите од Договор од Преспа и очекува македонската страна да ги почитува сите негови аспекти.

-Причината поради која претседателката во Скопје го смени ставот е нератификувањето на меморандумите? Бевме оправдани за нашиот избор бидејќи ја видовме опасноста. Нема да ги ратификуваме меморандумите додека не се увериме дека другата страна не ги почитува сите аспекти од Договорот од Преспа

Во однос на постапката на лидерот на Грик Солушн Кирјакос Велопулос да го скине Договорот од Преспа на собраниската говорница, рече дека не сака да ги коментира „патриотските испади“ на Велопулос, зошто тој од нив направил кариера и додаде дека „граѓаните во Македонија разбраа кои се патриоти во тешките, а не во лесните време“.

Инаку трите меморандуми кои произлегоа од Договорот од Преспа и се потпишани од грчкото МНР и МО уште во 2019 година, останаа да се ратификуваат во грчкиот парламент и потоа да се спорведат: Меморандум за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ, Меморандум за формирање на Координативен комитет за економска соработка и Техничка спогодба за надгледување на FIR Скопје.

Back to top button
Close