(Видео) Мигрантите во Македонија ќе бидат охрабрени да бараат азил или работна виза, пишува Тајмс

Нелегалните мигранти од Велика Британија во иднина би можеле да се пренасочуваат кон Северна Македонија, откако двете држави започнале формални разговори за отворање таканаречен „центар за враќање“ на мигранти, пренесува „Тајмс“.

Според информациите, Британија би ѝ плаќала на Македонија за секој мигрант што ќе биде прифатен, а идејата на британскиот премиер Кир Стармер е овој систем да го намали бројот на мигранти кои преку Ламанш пристигнуваат со мали чамци. Дополнително, Лондон би понудил инвестиции и безбедносна поддршка за справување со руското влијание во регионот.

Наводно, разговорите започнале уште претходно оваа есен, а Северна Македонија е меѓу малкуте земји кои активно преговараат со Велика Британија за воспоставување повеќе вакви центри. Мигрантите би биле депортирани од Обединетото Кралство и би можеле да поднесат барање за азил во Македонија, при што не би биле задржувани во притвор, ниту ограничувани во движењето – односно ќе имаат право слободно да ја напуштат земјата доколку одлучат така.

Во планот е предвидено тие да бидат охрабрени да аплицираат за азил или работни дозволи, особено во области со недостиг на кадар, како градежништвото. Извори наведуваат дека Велика Британија води дискусии и со Косово, додека Босна и Херцеговина веќе ја одбила оваа опција како „некомпатибилна со националните интереси“.

Со отворање на вакви центри, Британија би имала можност да ги отстрани мигрантите за кои враќањето во матичните земји е небезбедно – како Авганистан и Еритреја, две од најчестите држави од каде потекнуваат лицата што пристигнуваат преку Ламанш.

Од британското Министерство за внатрешни работи велат дека со повеќе паралелни мерки се бара долгoroчно решение за миграциската криза:

„Во преговори сме со неколку земји, но центри за враќање нема да бидат единствена алатка. Ова мора да биде дел од поширок пакет мерки – не постои магично решение. Конзервативците го пробаа тоа со Руанда и не донесе ефект. Ние пристапуваме на повеќе фронтови истовремено.“

Македонија годинава се приклучи на заедничката работна група за миграција со Британија и балканските држави, со цел координација во борбата против криумчарењето мигранти и размена на разузнавачки информации.

 

Back to top button
Close