Миле Контра

1.
Баш е забавно да се прават шеги на сметка на магариња. И на тие што продаваат магарешко млеко од 50 до 100 евра за литар им е смешно дека таму некаде во Македонија некој голем сезнајко лови корупција со правење вицови. И фризерница убаво се лепи за наслов. Иако, не знам зошто фризер би било професија за мајтап кога и фризерите си одат во Германија, исто како лекарите и сестрите. Сите занаетчии избегаа. Само ние паметните и вицкастите од социјалните мрежи ќе останеме тука.

Баш ми е гајле за Лидија Димова, директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Ниту ја знам, ниту ја познавам. Дури и ме изнервира оти за новинарски текст веднаш се закани со тужби. Башка, и со арогантниот настап непримерен за јавен службеник чија работа е постојано под надзор и отчет пред јавноста. Ама, кога веќе се отвори муабетот дали парите за проекти одобрени од Брисел ги добиле вистинските луѓе и како се потрошени, фино ќе беше власта да почекаше што ќе открие формалната истрага. А не вицепремиерот Љупчо Николовски да бара оставка од Димова или да предлага нејзино разрешување само врз основа на фејсбук статуси. Па тие вмровските тролови можат и за него сешто да изнапишат. Тогаш ќе треба Заев и од него да бара оставка само врз основа на тоа што некој пишувал на фејсбук и на твитер.

Љупчо е вицепремиер задолжен за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и за човечки ресурси, ама изгледа малку повеќе се внесе во функцијата. Па стана и истражител и обвинител и судија. Утврдувањето на одговорноста треба да дојде врз основа на истрага, а не да биде политичка одлука заснована само на новинарски текстови и завидливи коментари и зафрканции на социјални мрежи. Јас барем така ја сфаќам суштината на мултидисциплинарната функција на Љупчо.

Брисел не бара од Владата да ја разреши директорката. Брисел бара да се утврдат фактите. Не е работа на вицепремиерот тој да кажува кој е корумпиран. Негова работа е да ги менува практиките за да нема корупција.

2.
И кога веќе сме тргнале со раскажување вицови за магариња и коњи, еве уште еден: ВМРО-ДПМНЕ организира протест на тема „Како се трошат европските пари“. Ги средија македонските, па сега до европските пари им дошло.

3.
Цел свет одново се затвора, бројките на заболени од ковид-19 растат насекаде, сите држави носат дополнителни рестриктивни мерки за ограничување на ширењето на пандемијата, само во Македонија чекаме пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се согласат Собранието да работи онлајн.

Колумната на Горан Михајловски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close