„Милениумска патека”, планински убавини на Сува Гора и значајно културно-историско богатство

Лесна планинарска тура за рекреативци и почетници кои воедно имаат можност да се запознаат со големото македонско, историско и културно богатство на тетовските села и подрачјата на планината Сува Гора. Оваа невообичаена и уникатна можност ја има преку планинарската акција „Милениумска патека” која станува веќе традиционална манифестација што се организира од планинарскиот клуб „Јелак” од Тетово. Започната е во 2018 година по повод јубилејот 1000 години Охридска Архиепископија.

 

Оваа година сончевите зраци уште во раните утрински часови наговестуваа дека добрите временски прилики ќе дадат можност за убав престој во планина. Планинарите по собирот во центарот на Тетово, патуваа до Блаце од каде го започна пешачењето до крајната дестинација во селото Волковија со должина од вкупно девет километри.

 

Движењето е во правец кон првата црква Света Троица над селото на надморска височина од 720 метри. Тука е и првото навлегување во шумскиот предел иако движењето е по поплочен пат. Овој храм е изграден врз археолошки локалитет „Самовилска вода” од старохристијанско време, кој опфаќа и извор кој според преданијата има лековито дејство.

По краткиот одмор и запознавање со историјатот на црквата и локалитетот, колоната продолжи кон следната дестинација црквата Света Петка на рид на околу 880 метри надморска височина. Условно речено, ова претставува најтешкиот предел за искачување по Сува Гора, поради потребата да се искачи висинска разлика од 250 метри. Се поминува по маркирана патека низ нискостеблеста шума со густа вегетација, каде движењето е во колона еден по еден, но потешкотијата во искачувањето е налик на чекорење по скали.

 

Од Света Петка патот води кон археолошки локалитет Граиште на истоимениот рид кој се искачува за неколку минути во блага нагорнина. На врвот од ридот има рамнина каде се наоѓа археолошкото наоѓалиште, за кое археолозите тврдат дека е ранохристијанска црква од 4-ти век каде била сместена Епископија. Се образложува дека потврда за тоа се трите ранохристијански крстилници крај кои се очигледни нивните остатоци градени со камен.

 

Овој предел значително ја доловува убавината на тој дел од Сува Гора. Има огромен број разни нијанси на сите можни бои кои есента ги дава на планините во овој период- жолтите, кафеавите, портокалови лисја на дабовите и другите листопадни дрвја, зелени површии со борови, елки и други зимзелени дрвја. Тука има и по некој црвена дренка, многу кафеави желади, но и растенија со црвени нијанси на листови.

Од Градиште започнува пешачење во надолнина и по рамна патека. Така се влегува и во селото Стенче, каде е и црквата Свети Илија, која е живописана од славниот Дичо Зограф и неговиот син.

 

Тука учесниците на маршот ја имаа најголема пауза за одмор и појадок, а беа почестени од црковниот одбор со топол чај. И оваа црква е богата со историја, а за тоа сведоци се гробните места на неколку свештеници кои уште во 18 век биле напишани на македонски народен јазик.

Патешествието продолжува до најновата четврта црква која е изградена во скоро време во Стенче, а е посветена на светицата Екатерина. Храмот е изграден во периодот 2013-2014 година и се наоѓа на Стенчевска чука. Тоа е рид од кој има широко распространет поглед кон останатите ридести делови на Сува Гора, кои благодарејќи на сончевото време беа целосно видливи и беа убава прилика за нови пејсажни фотографии.

 

Познатато излетничко место Волковска Чука каде се наоѓа црквата Свети Георгиј Победоносец беше следниот предизвик за учесниците во акцијата. Убавото сончево време е прилика да се направат фотографии за да се долови есенската идила на Сува Гора.

 

Свети Георгиј е манастирска црква која има богата историја и остатоци кои сведочат за тоа, како Дупно камче, поголема камена плоча со дупка во внатрешноста.

– Се смета дека во 14 век бил најсилен полошки манастирски центар со многу монаси и е причина тогаш да се формира Волковија како населба. Тука дошле семејства од Гајре и едно скопско село кое веќе не постои, бегајќи од налетот на османлиската власт и обидите за нивна верска асимилација. Во 16-ти век манастирот е рушен и запален од османлиската власт, игуменот Варлаам заклан и затрупан во урнатините, а според народното предание „Дупно камче” е останато и покрај уништувањето. Легендата вели дека каменот бил повеќе пати краден, но на чудесен начин тој секогаш се враќал на истото место каде стои и денес. На местото на погибијата на игуменот пак е подигнат крст. На местото на старата манастирска црква долго време постоел стар параклис, а во 2006 осветен е новиот храм. Манастирскиот имот е еден од најголемите во држава и целосно денационализиран и во сопственост на МПЦ – ОА, потсети Даријан Сотировски, кој како директор на Комисијата за односи со верските заедници заедно со ПК Јелак во 2018 ја иницираше оваа планинарска рута.

 

„Милениумска патека” заврши со пешачење од Свети Георгиј до селската црква Свети Мина во Волковија. Дел од тој предел е користен како локација за снимање на култниот македонски филм „Македонска крвава свадба” во 1967 година.

 

Црквата Свети Мина е изградена во 1936 година. Храмот има двор на ридест предел од кој се гледа значаен дел од Полошката котлина во правец кон Шар Планина и градот Тетово.

Планинарската акција ја завршија 108 учесници, кои за спомен од организаторите добија пригодна картичка за сеќавање. Дека е лесна и едноставна покажа искуството на родители кои ја поминаа патеката носејќи ги своите бебиња во специјални ранци за носење на деца. Таков беше примерот со родители на осум месечно бебе кои ја поминаа половина од рутата носејќи го девојчето во специјалниот ранец додека целата патека во иста положба ја помина 17 месечната Леа од семејството Стојановски.

 

Учесниците поминаа делница од вкупно девет километри низ планискиот предел, со вкупно искачување на 500 метри надморска височина. Тргнувањето од Тетово беше во 8 часот, а кај последната црква се пристигна околу 14 часот и 45 минути.

Back to top button
Close