Милост, државна секретарке
Никој од премиерот Мицкоски не бара неговите партиски кадри да бидат најкомпетентните, најдобрите, највредните, најспособните. Но, сепак, милост мора да се има, макар и во оваа земја, која и не е најдобриот избор за да се биде роден, а најмалку да се издржи живеењето тука. Како рекол прилично резигнирано Иво Андриќ:” Мора негде да се родиме”.
А мора и да е некоја грешка во весниците и новинарството, скоро сите тврдат дека државната секретарка на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Елена Кузмановска, дала некаква ваква изјава:
“МНР го почитува правото на самоодбрана, но не и за Иран. Го поддржуваме и правото на водење војни“.
Она што ме охрабри дека во оваа држава постои некаква елементарна понизност кога светот ќе се распадне, за што придонесува и весникот “Слободен печат”. Видете ја само нивната искрена желба да ги информираат, но и едуцираат читателите, веројатно со мала надеж и нашава државна секретарка, па новинарот Хари Кацаровски се обидел најпрофесионално да објасни што подразбира водење политика според меѓународното право, особено во време на војна.
Накратко, тој сумира дека “во правна смисла, не постои општо „право на војна“, туку многу тесно поставено право на самоодбрана и можност за употреба на сила кога тоа ќе го одобри Советот за безбедност на ОН.”
Но, интересно е стравувањето на новинарот дека никој нема да му верува што нашава државна секретарка изјавила, па согласно професионалните новинарски стандарди, тој објаснува:”Слободен печат“ поседува аудиозапис од одговорот на државната секретарка”.
Не е важно ништо, заборавете сѐ и одиме отпочеток. Наоружајте се со вилушки и лажици, ставете ги тенџерињата на главите и да тргнеме во поход, затоа што имаме право на таа проклета војна до истребување, добога. Имаме ние сѐ, само време повеќе немаме, тече низ прстите, капе насекаде. Како да го дофатиме, како да не ни избега, за нешто да поправиме, ако може, а тука никогаш не може, тешка работа е таа, лета времето. А ние лазиме, папсуваме, кутрите влечуги некадарни, неспособни да сменат барем нешто во оваа држава, барем еднаш.







