Министерката Божиновска се брани: Не го пријавила бугарското државјанство оти истекла важноста, а не барала да се обнови

Министерката за енергетика Сања Божиновска се огласи во јавноста по веста дека поседувала бугарски пасош и државјанство. Таа соопшти дека тоа не го навела во официјалната биографија, затоа што повеќе ги нема овие документи.

-Поради транспарентноста за која сите се залагаме на почеток сакам да појаснам дека првиот пат кога добив прашање од новинарите беше дали поседувам бугарско државјанство. Мојот одговор беше не, бидејќи процедурата за отпуст од истото беше финализирана од моја страна, неколку месеци пред воопшто да добијам можност да бидам министерка во владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, тврди Божиновска.

Нејзиното барање за отпуст од бугарското државјанство било прифатено, објаснува министерката, а сите неопходни документи предвидени во постапката биле соодветно поднесени. Пасошот во меѓувреме и бил истечен, а своевремено го користела заради деловни активности на територијата на ЕУ.

-Дополнително, јас веќе ја информирав јавноста дека пасошот со кој располагав е со истечен рок на важност, а од моја страна никогаш не беше поднесено барање за негово продолжување. Ова говори повеќе од јасно за мојата одлучност да се откажам од бугарското државјанство, кое, како што посочив претходно, го поседував исклучиво заради моите деловни активности на територијата на ЕУ. Имајќи го сето ова предвид, јас навистина не би можела да наведам во биографијата дека поседувам бугарско државјанство и пасош, објаснува Божиновска.

Back to top button
Close