Министерот Хоџа: Пијам само вода, не се луксузирам. Сумата од над 22.000 евра се трошоци на 32 сектори

Не сум човек кој во кафеана би се луксузирал, посебно не на државна сметка. На оние кои добро ме знаат, познато им е дека не пијам алкохол, во ресторан порачувам вода, не сум од оние кои се хранат со месо од бизон, ниту пак следам кулинарски хирови, ниту на моја, ниту пак на било чија сметка- вака за “Фокус” појаснува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа.

Неговата реакција доаѓа откако пред два дена стана топ тема во јавноста, кога во одредени медиуми се објави веста дека за само шест месеци на функција, успеал да потроши дури 22.794 евра за ручек и кафиња во бифето ,,Концепт бар” кое послужува храна за нашата Влада.

Тој вели дека веста која за многу кратко време се прошири е голема невистина, и првенствено била објавена во портал кој немал ниту сопственик, ниту пак истакнато основни податоци.

-Таа сума од над 22.000 евра, тоа всушност се трошоци на 32 сектори, плус заостанати фактури, и без да бидам лично запрашан околу фактичката состојба, започнаа невистините и обвинувањата. Инаку, пресметките покажаа дека не се 22.000 евра, туку 13.000 евра за осум месеци. Излегоа од портал на кој ниту импресумот не му се знае, а се проширија низ целиот медиумски простор. За волја на вистината, ги имам сите потребни документи, комплетниот шест месечен извештај, каде јасно може да се види реалната слика за трошоците на министерството.
Станува збор за сума од околу 6.000 евра за шест месеци, трошоци кои се направени од над 50 лица од моето министерство, односно по околу 1.000 евра месечно. Највисоката сума од околу 3.000 евра е од времето кога во посета имавме делегација од Турција, стануваше збор за 18 лица, а според договорот, ние требаше да ги покриеме овие трошоци, бидејќи кога нашата делегација беше во Турција, тие ги покриваа нашите трошоци.
Во салата за состаноци, која ја користат сите странки, трошокот за шест месеци е околу 170.000 денари, значи се работи за голем број на луѓе кои циркулираат таму и за подолг временски период – тврди министерот.

Повеќе

Back to top button
Close