Министерство за култура: Иванова постапувала несовесно, неекономично, неуредно и спротивно на склучените договори и правилници при издавање на просториите

Соопштение на Министерство за култура во врска со разрешувањето на досегашната директорка на НУ Национална филхармонија

По извештајот од извршениот увид на Комисија од Министерството за култура, на 6 септември 2023 г., во документацијата на НУ Национална филхармонија и констатираните бројни законски повреди и неусогласености во работењето, министерката Бисера Костадиновска Стојчевска донесе одлука за разрешување на директорката Тина Иванова.

Од документацијата и направените записници се заклучува дека директорката Иванова постапувала несоодветно, несовесно, неекономично, неуредно, ненавремено и спротивно на склучените договори и правилници при издавање на просториите на Филхармонија. Одговорното лице на установата склучувало договори кои самото не ги испочитувало и прекршен е Правилникот на установата кој го донел Управниот одбор.

 

Скандалозно и запрепастувачки е да се увиди како досегашната директорка ја водела НУ Филхармонија.

Бидејќи низ овие активности, несовесно постапувале и не спречиле несовесно постапување и членовите на Управниот одбор, министерката Костадиновска-Стојчевска донесе одлука и за разрешување на сите членови на УО на Филхармонија.

Потенцираме дека Тина Иванова и Управниот одбор на Филхармонијата, се разрешени исклучиво поради низа откриени неправилности при работењето и раководењето на институцијата.

За в.д. директор е назначен Даниел Лазаровски, од редот на вработените во Филхармонијата.

Министерството за култура ги отфрла сите инсинуации на досегашната директорка на Филхармонија, Тина Иванова, како целосно произволни, неточни и најблаго речено, невистинити.

Националната филхармонија е гордост на нашата држава и на македонската култура и , како врвна национална установа, мора да биде водена професионално.

Back to top button
Close