Министерство за правда: Без закон за конфискација на имот во граѓанска постапка не може да има борба против корупцијата и криминалот
Министерот за правда Кренар Лога присуствувал на последниот состанок на работната група која го подготвува новиот закон за конфискација на имот во граѓанска постапка. Предлагач на законот е Министерството за правда, а со работната група претседава вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска.
Со овој закон, како што соопшти денеска Министерството за правда, ќе се оневозможи располагање со имот и имотна корист што не може да се докаже дека е стекната од законски извори што ги прави противправните дејствија неисплатливи и овозможува ефективна борба против криминал и корупцијата.
Министерот Лога пред членовите на работната група посочил дека овој закон е од исклучително значење и без него не може да се спроведува борбата против криминалот и корупцијата.
Предметот на постапката уредена со овој закон опфаќа имот во или надвор од Република Северна Македонија кој е во сопственост на физички и правни лица.
Со овој закон, како што се вели во соопштението од Министерството за правда, се овозможува признавање и извршување на странски одлуки за конфискација во граѓанска постапка, како и меѓународна соработка со надлежни органи со цел оневозможување на располагање со имот кој не е стекнат од законски извори.
-Услов за поведување на постапката за утврдување на имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори согласно овој закон е ако има разумно сомневање дека постои имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори и ако нето вредноста на имотот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори надминува 30000 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народна банка на Република Северна Македонија, велат од Министерството за правда.
Надлежен орган за прибирање на податоци за имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори е Управата за финансиска полиција која може да поднесува иницијатива до Државниот правобранител за определување на мерка за обезбедување на имот.
Текстот на предлог законот ќе биде испратен на мислење до Венецијанската комисија и Европската Комисија.