Министерството за правда со допис до Собранието бара партиите и независните групи да номинираат претставници за работната група за Изборниот законик

Министерството за правда денеска испратило допис до Собранието, парламентарните партии и независните групи и пратеници да номинираат по двајца претставници за работната група за Изборниот законик. Очекувањата и од Министерството за правда и од Собранието се дека тие би почнале со работа во втората половина на јануари.

Како што објаснуваат од Министерството за правда, работна верзија на Изборниот законик ќе биде доставена до пратениците кои по консултации во матичните партии треба да достават предлози до работната група.

 

Министерот за правда, Игор Филков, минатата недела оствари работна средба во Собранието со претседателот на Собранието, Африм Гаши, како и со координаторите на пратеничките групи, на која се разговараше за потребата од системско уредување на Изборниот законик.

На средбата беше договорено Министерството за правда, како што информираа оттаму, до втората половина на јануари, да формира работна група која ќе пристапи кон подготовка на нов Изборен законик. Во работната група ќе бидат вклучени по двајца претставници од парламентарните партии, како и независните пратеници.

Филков тогаш информираше дека измени на Изборниот законик беа подготвени од Министерството за правда во јуни 2025 година, во кои беа инкорпорирани дел од препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

Засега нема информации што друго содржи овој предлог на Министерството за правда, и дали во него е вклучен и предлогот за една изборна единица. Тоа, но и други предлози, велат оттаму треба да произлезат од политичките партии и договорот што ќе се постигне.

За носење на квалитетен и одржлив Изборен законик е неопходен широк политички консензус од сите политички партии, и како што нагласуваат од Министерството за правда, очекуваат тоа да се оствари.

Претседателот на Собранието Африм Гаши во интервју за МИА минатата недела кажа дека координаторите на пратеничките групи се согласиле Изборниот законик да биде донесен со консензус, но не прецизираше која е временската рамка за негово носење.

 

– Разговаравме околу составот на групата кој ќе учествува, кој формат каде би се одвивале разговорите итн. Сепак затоа што Министерството за правда е предводник на овој процес и тие го предлагаат законот, тие ќе ги повикаат политичките партии да предложат по двајца претставници, но не само тие што се организирани во пратенички групи и тие што не се организирани во пратенички групи, како и независните пратеници. Значи ни треба целосен консензус во процесот на носење на Изборниот законик. Се сложивме околу тоа. И штом ќе го имаме текстот предложен од нив ќе знаеме точно дали е целосно нов, или е изменет или во која насока или колку проценти од текстот е сменет, па политичките партии во однос на тој текст ќе ги имаат своите забелешки, така што ќе почнат разговорите да се усогласуваат едни со други, за да дојдеме до конечно решение, изјави Гаши.

Претседателот на Собранието вели дека идејата е разговорите да почнат веднаш во јануари и со зголемена динамика да се усогласуваат ставовите.

Back to top button
Close