Министерството за транспорт и врски заштедило 47 отсто струја во октомври
Согласно препораките од Владата, Министерството за транспорт и врски спроведе мерки ненарушувајќи го процесот на работа и заштеди 47 отсто електрична енергија во октомври 2022 година, споредбено со истиот месец минатата година.
Во овие времиња кога сите ги чувствуваат последиците од светската енергетска криза и недостатокот на енергенси, со навремени мерки и почитување на препораките, овозможуваме безбедно и непречено снабдување со електрична енергија, соопштија од Министерството.
Посочуваат дека значајна улога во оваа нивна остварена заштеда имаат нивните вработени кои континуирано и совесно ги почитувале препорачаните мерки.
-Рационалното користење на електричната енергија преку воведените мерки што се покажаа како соодветни за нашата институција ќе продолжат да се применуваат и во наредните месеци. Сите заедно, солидарно и рационално треба да ги користиме ресурсите со кои располагаме. Се залагаме за стабилен енергетски систем, бидејќи тоа е потреба на сите нас. Посветено и со максимална ангажираност заедно ќе ги пребродиме и овие предизвици кои се исправени пред нас, потенцираат од Министерството за транспорт и врски.