Мишел: Се надевам дека ќе донесеме одлуки за нафтеното ембарго

Претседателот на Европскиот Совет, кој претседава со денешниот вонреден самит на ЕУ, упати пооптимистичка порака од неговата колешка од Европската комисија во однос на можно нафтено ембарго врз Русија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Во ЕУ копјата се кршат околу модалитетите и последиците од ембарго врз увозот на нафта од Русија. Амбасадорите на земјите членки на ЕУ се обидоа повторно денеска да постигнат договор, но шефовите на држави и влади на ЕУ ја преземаат задачата вечерва во свои раце.

Шарл Мишел, претседател на Европскиот Совет, изрази надеж дека ќе се постигне компромис по ова трнливо прашање на енергијата во ЕУ.

-Времето е сега, уверен сум дека ќе можеме да донесеме одлука и да имаме единство во одлуките, не е лесно, има различни сензибилитети и преокупации, но остваривме напредок во последните часови, и се надевам дека ќе бидеме способни да донесеме одлуки, рече Мишел пред почетокот на овој вонреден самит на лидерите на ЕУ посветен на Украина, енергијата, одбраната и прехранбената безбедност.

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, настапи со многу помалку оптимизам попладнево и рече дека не очекува компромис за нафтеното ембарго во наредните 48 часа, туку подоцна. Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, еден од кочничарите на компромисот, од своја страна, ја обвини токму Европската Комисија дека избрзано го предложила пакетот санкции врз нафтата, без да ги консултира земјите членки за последиците.

Унгарија, и други земји, бараат да биде изземена нафтата што се транспортира преку нафтоводот кој поминува низ Украина, но бараат и да добијат гаранции дека доколку нафтоводот биде оштетен, земјите ќе можат сепак да продолжат да набавуваат руска нафта до одреден временски рок. 

Back to top button
Close