Мислев дека е дел од рубриката „верувале или не“ – вели Мицкоски за антикорупцискиот закон на СДСМ
Помислив дека е нешто што го прочитав во рубриката „верувале или не“ – рече премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ја најавата на опозицискиот СДСМ за подготовка на нов закон за борба против корупцијата. Подготовката на ваков антикорупциски закон, вели Мицкоски, доаѓа од луѓето што додека беа на власт сменија неколку члена од Кривичниот законик за практично да си го амнестираат сиот сторен криминал.

„Кога неодамна го слушнав ова мислев дека е нешто што го прочитав во рубриката ‘верувале или не’. Затоа се воздржав од коментар и почекав да помине некое време, но гледам дека тие оваа работа ја тркалаат и навистина изгледа веруваат во оваа работа. Но во оваа работа веруваат луѓето односно дечињата на принцот на криминалот кој за да се амнестира себеси и криминалот што го правеше заедно со своите дечиња кои сега ги инсталира во СДСМ, го смени Кривичниот законик со што практично се амнестираше сиот криминал што го правеа како влада“изјави Мицкоски прашан за коментар за законот што го најавува СДСМ.
Премиерот ја обвини опозициската партија дека ја малтретира јавноста со ваквата т.н. платформа, односно фронт за борба против криминалот и корупцијата.
„Навистина не можам да се изначудам на тоа што го слушам, но главната работа што нив ги вознемири е што во последно време станав многу чувствителен и тие тоа го артикулираа дека со моите чувства јас нарачувам обвинителски истраги, се исплашија од сето тоа и побрзаа да се претстават себеси како жртви на политички прогон. Не треба да се плашат затоа што оваа држава со оваа влада веќе две годнини владејат законите и Уставот, така што ако навистина се безгрешни тогаш не треба да се плашат од какви било судски процеси“додаде Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Опозицискиот СДСМ извесен период најавува подготовка на антикорупциски закон кој, како што потенцира партискиот лидер Венко Филипче, ќе значи крај на неказнивоста и воспоставување на систем во кој секој што го прекршил законот ќе сноси одговорност.






