Митева: Најдобра потврда за предлогот на Владата е довербата од 2 процента која ја имаат и судството и обвинителството


Јас ги наведов сите причини од кои Владата се одлучи на ваков чекор, ценам дека граѓаните ова го поддржуваат и сметам дека најдобар показател за тоа е довербата од 2 процента која ја имаат и судството и обвинителството, што е буквално статистичка грешка. Ако сакаме правна држава, состојбите мора да ги подобриме, рече портпаролката на Владата Марија Митева коментирајќи ја денешната изјава на државниот јавен обвинител дека неговото разрешување што го најавува Владата и премиерот е „нивна политичка одлука“.

-Можеме често да ги слушнеме таквите изјави на оние неколкумина коишто постојано бараат некаков мотив во нивното непостапување или во кршењето на законот и Уставот за коишто се избрани пред граѓаните, додаде Митева одговарајќи на новинарско прашање откако соопшти за усвоениот предлог на седница на Владата за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.

Обвинителот денеска, пред седницата на Советот на јавни обвинители на која се избираше претседател, за најавите дека ќе биде разрешен изјави дека тоа е политичка одлука и дека за да биде разрешен треба да сторил тешка дисциплинска повреда.

-Тоа е политичка одлука. Согласно важечкиот закон, јас треба да сторам тешка дисциплинска повреда. Тоа Советот на јавни обвинители го констатираше дека од моја страна не е сторена тешка дисциплинска повреда. Понатаму постапката, предлогот оди во Влада, односно Владата може да го достави до Собранието. Тоа не е моја надлежност, рече денеска Коцевски.

Митева информираше дека предлогот до Собранието за разрешување на Коцевски од функцијата е врз основа на член 88 став 1 од Законот за Јавно обвинителство, а по претходно добиено мислење од страна на Советот за јавни обвинители.

-Поради направени крупни професионални грешки при раководењето со Јавното обвинителство, што доведува до нарушување на ефикасноста и функционалноста на ЈО. Неовластено изнесување информации, податоци за судски предмети, со што ја повредил обврската за тајноста на постапката согласно закон. Нарушување на угледот на Јавното обвинителство и неговиот личен углед, не постапувајќи согласно обврските предвидени со Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, изјави Митева.

Како последица на сторените повреди, додаде, во изминатиот период е „евидентна нарушената функционалност на Јавното обвинителство и сериозно е нарушен интегритетот“.

Back to top button
Close